Преку отворена петиција се бара од градоначалникот на Oпштина Охрид, Кирил Пецаков, да формира јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни и воспоставување систем за контрола на популацијата.

Покрената иницијатива за отворање згрижувалиште за бездомни животни во Охрид

Петицијата самоиницијативно ја отвори Сања Нелоска со цели истата да ја потпишат што поголем број на жители од Охрид па и од Струга, за еднаш за секогаш како што вели, да се реши овој проблем за доброто на сите, наместо да се трујат кучињата по улиците на што сме сведоци сите.

Охрид, најголемиот туристички центар во Македонија, постојано се соочува со сè повеќе и повеќе бездомни животни, за кои, за жал, се грижат само неколку поединци, и се оставени сами на себе едвај да преживуваат и да талкаат низ улиците на градот, оставајќи слика пред туристите на место кое не води никаква грижа за доброто на животните и своите граѓани, а тоа треба да биде примарна должност на Општината, се наведува во петицијата.

Последниот случај на труење на бездомни животни во Охрид, се случи вчера во населбата Кошишта, а отров бил забележан и на повеќе други локации на калето, на што алармираа волонтерите од „Охрид стрејс“.

Повторно отров во Охрид! Варош1 По патекана накај Лабино и Канео! Внимавајте  на вашите миленици и на бездомните! Доколку забележите затруено животно веднаш реагирајте и носете го на ветеринар! – стои во јавната објава на волонтерката Анастазија Димзовска.

Отруено куче во населбата Кошишта
Отруено куче во населбата Кошишта

Во барањето упатено со градоначалникот на Општина Охрид – Кирил Пецаков, како приоритет е наведено формирање јавно претпријатие за хуман третман на бездомните животни и воспоставување систем за контрола на популацијата (стерилизација/кастрација), по примерот на Скопје, каде функционира ЈП „Лајка“.

Градоначалникот Кирил Пецаков ја има единствената можност да биде првиот градоначалник на Охрид кој конечно ќе го реши овој горлив проблем за доброто на бездомните животни, своите граѓани и туристите, се додава во петицијата.

Петицијата може да ја потпишете на следниот ЛИНК.

OhridNews