Жители на Охрид кои живеат во близина на Инфективното одделени во Општата болница Охрид, изразуваат загриженост од начинот на кој се пристапува до одделот каде се примаат суспектни случаи на коронавирус Ковид 19. Тие велат дека од почетокот на кризата, која се повеќе е изразена последните денови во струшко, се почеста е сликата пациенти да доаѓаат во придружба на голем број други лица.

Загрижените граѓани апелираат до надлежните, најитно да преземат мерки и да го ограничат пристапот до Инфективното одделение, кој, како што велат, треба да биде строго контролиран.

Не може секој да доаѓа тука. Секој ден непознати лица во групи, кои некогаш се навистина големи, доаѓаат во придружба на пациенти. Можат да се видат наоколу, каде има голем број локални продавнички и дуќани. Постои голема опасност и пред да се случи нешто непосакувано надлежните треба да реагираат. – вели загрижен граѓанин со кој разговаравме.

За ситуацијата пред Инфективното одделение мештаните ја известите и охридската полиција.

Како што информираше вчера на средбата со медиумите новиот директор на охридската болница, д-р Горан Балевски, пациентите со полесна клиничка слика и оние за кои се чекаат резултати од земени брисеви, се згрижуваат на Инфективното одделение, а потешките случаи се препраќаат во битолската болница која сега е регионален центар за згрижување пациенти со коронавирус.

Полесните форми ги згрижуваме на инфективното одделение и сметам дека досега тоа функционира беспрекорно. Моментално на Инфективното одделени има шест пациенти со симптоми, за кои се чекаат резултати од земени брисеви и тие се во добра здравствена состојба. Капацитетот на Инфективното одделение, според сите стандарди кои треба да бидат запазени, е десет пациенти. – изјави вчера д-р Балевски.

Тој информираше дека во болницата се примаат пациенти од целиот регион. Пациентите од општина Струга по извршен преглед во струшката болница се праќаат во охридската доколку е потребно мислење од инфектолог, а потоа според нивната клиничка слика, инфектологот одлучува дали пациентот ќе остане во охридската болница или ќе биде испратен во Битола.

Лекарите апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки на надлежните со цел воспоставениот систем во болницата да може уредно да функционира, но и да се спречи можноста од ширење на пандемијата, која, според здравствени влассти, кај нас влегува во критична фаза.

Г.М.

Геријатрија и кожно пренаменети за прием на сите пациенти-нова организација во охридската болница за справување со коронавирусот