Наше, а светско. Охриѓанката Даниела Петкоска, деновиве доби исклучително високо признание на Музичкиот конзерваториум во Италија. Нашата флејтистка се најде меѓу студентите со највисоки оценки, а номинацијата со најголем број бодови од странските студенти на престижната музичка школа и го донесе признанието Лауреат, кое Конзерваториумот ретко го доделува, како и награда за најдобра флејтистка во регионот Фриули, Венециа, Џиулиа во Италија.

Признанијата на најдобрите студенти им беа врачени на свеченост што се одржа во Трст.

Даниела Петкоска изминатите години беше дел од многубројни фестивали низ Италија, а како претставник на Конзерваториумот и Италија таа учествува на бројни интернационални концерти и рецитали. Како докажан студент, таа од неодамна е испратена во Загреб, каде една година ќе предава како професор по флејта во едно од најистакнатите музички средни школи во Хрватска „Ели Башиќ“.

Наскоро Даниела ќе има настапи во Германија и Полска. Со уште двајца колеги од Македонија ќе биде дел од интернационален оркестар во кој учество ќе земат талентирани музички уметници и од Норвешка, Шведска, Финска, Данска, Полска и Германија.

Г.М.