Демотивирани,
неподготвени фудбалери, управа која нема визија како да го води клубот, навивачи
кои не навиваат за клубот.
Ваква беше сликата на првенствениот меч со
Напредок 1-2, кој ги исфрли на површина сите слабости и аномалии со кои се соочува
охридскиот фудбалски прволигаш кој е на работ од преселба во Втората лига.



Разочарани но не изенадени
од преставата беа петстотина гледачи на стадионот во Охрид, кои дојдоа
да гледаат прволигашки фудбал, а видоа само една голема НУЛА.

 


Фудбалерите
на Охрид, оние кои останаа во клубот бираат кога да играат и колку  да
играат. Оние што се најдоа на теренот, се движеа како на манекенска
писта, пазејќи се да не ги извалкаат своите дресови наместо да запнаат и
да ги испотат истите.

Охридските “рибари“ незадоволни од состојбите во клубот веќе подолго
време ги бојкотираат мечевите, а на денешниот на полувремето јавно
побараа од Управата да го напушти охридскиот брод.

Охридскиот состав е лимитиран, немоќен тоа беше повеќе од очигледно на
мечот со противникот кој во првиот дел од сезоната , беше прегазен од
тимот предводен од Драган Антиќ. Но тоа е одамна минато свршено време.


Капак на се`
беше очајниот судија Јосип Бартон , кој во целост се вклопи во “шареното
попладне“. Тетовскиот арбитар досуди преку 40 прекршоци во текот на
мечот, во целост ги толерираше гостинските фудбалери во нивната
“активна“ игра, во финишот на мечот имаше две ситуации кои и гостинскиот
тренер би ги карактеризирал како најстроги казни, но не и “тетоецот“



Но и покрај тоа што кумуваше на резултатот, охридските фудбалери не
треба да ја бараат вината за поразот кај судијата, ако воопшто некој
веќе се прашува каде е проблемот.


До крајот на шампионатот има уште седум кола. Охрид 2004 се наоѓа во
бараж зоната. Пред “белите“ кои денес настапија во “сини“ дресови се
одлучувачките мечеви против директните конкуренти, Брегалница,
Х.Турново, Тетекс и 11 Октомври.

Мирко Постоловски