Да се изгради Музеј на Охридското Езеро во кој ќе биде претставена неговата историја од создавањето па до сега, е идејата на охриѓанката Даниела Котеска- Лозаноска, содржана во неодамна промовираната брошура на локалната самоуправа „Инвестирајте во Охрид“.
– Идејата ја добив при посетата на Океанографскиот музеј во Монако каде посетителите имаат можност да се запознаат со сите најзначајни податоци за морскиот жив свет, да видат предмети поврзани со морето, дел од морската фауна што се чува во големи аквариуми. Охридското Езеро има своја историја и заслужува да биде презентирана на едно место, односно во музеј во кој посетителите би имале можност да дознаат повеќе за живиот свет во езерото, но и за легендите, приказните и фосилите од езерото, вели м- р Котеска- Лозаноска која работи како асистент по економски науки на УИНТ „Св. Апостол Павле“.
Освен живиот свет во езерото, замислата е во музејот да се презентирани и фотографии и податоци за рибарите и начинот на кој се лови рибата, за предметите кои тие ги користеле во минатото и сега, да бидат изложени чунови,но и кајчиња, сето тоа надополнато со кратки филмови.
– Во еден дел од музејот би се презентирале податоци и за подводните пронајдоци, подводните извори, извршени истражувања за езерото, со еден збор музејот би содржел се што е поврзано со неговата историја, додава Лозаноска.
Како локација на која заинтересираните инвеститори би изградиле Музеј на Охридското Езеро, во брошурата се нуди простор кај каналот Студенчишта, со цел посетителите да можат да ги видат и примероците од пастрмка кои се одгледуваат во базените на Хидробиолошкиот институт.
Т. Кувенџиска