Во Охрид нема да се одржи ниту една активност по повод Меѓународниот ден на човековите права, што денес се обележува насекаде во светот. Иако граѓаните секојдневно се соочуваат со проблеми поради непознавање на своите основни права, охридските институции, невладини организации и здруженија немаат најевено никаков настан по повод овој интернационален празник.
Меѓународниот ден на човековите права, 10-ти декември се обележува од 1948 година, кога Генералното собрание на Обединетите нации, ја усвоило Универзалната декларација за правата на човекот, со што по првпат во историјата на човештвото е признато правото на сите луѓе на живот, слобода и сигурност без какви било разлики.
-Изминатава 2011. година беше исклучителна година за човековите права, бидејќи луѓето ширум планетата се мобилизираа барајќи правда, достоинство, еднаквост и учество во социјалните процеси, рече вчера Генералниот секретар на Обединетите нации Бан Ки – Мун, во своето обраќање по повод Меѓународниот ден на човековите права.
Тој потсети дека сите тие права се содржани во Универзалната декларација за човекови права и дека “ни припаѓаат на сите нас, без исклучоци“.
-Но, доколку не знаеме, доколку не бараме истите да бидат почитувани и доколку не го браниме нашето право и правото на другите да ги користат, тогаш ќе останат само како зборови напишани на стар документ, рече Бан Ки – Мун,.
Тој во името на ОН порача дека во соочувањето со предизвиците кои се пред нас, треба да се најде инспирација во примерот на активистите за човековите права и вредностите на Универзалната декларација и секој од нас треба да направи најмногу што може во поддршката на идеалите и аспирациите важни за секоја култура и секој човек.











