Во текот на првите два месеца, од кога стапи на сила Законот за постапување на бесправно изградени објекти, до Секторот за урбанизам при локалната самоуправа во Охрид поднесени се вкупно 730 барања за легализација, но засега не е издадено ниту едно решение.

Од секторот информираат дека причина за тоа е што поднесената документација од страна на заинтересираните не била целосно комплетирана. Во рамки на локалната самоуправа се формирани две комисии кои работаат на предметите поврзани со легализацијата на дивоизградените објекти.


Согласно законот, граѓаните се должи во рок од шест месеци да поднесат барање за легализација по што општината во период од шест месеци треба да направи увид на лице место, да го евидентира објектот и да види дали тој може да се вгради во урбанистичкиот план по што треба да издаде решение за легализација.
 
Покрај барањето за легализација, граѓаните треба да се достават и уверение за државјанство или копија од лична карта, доказ за приклучок на комунална инфраструктура или сметки за јавни услуги и геодетски елаборат за утврдување на фактичката состојба на објектот со имотен лист.

Предвидено е прекинување на постапката доколку со барањето не се поднесени потребните документи, кои може дополнително да се достават се до важноста на законот од шест години.

Со законот се дава можност за легализација на сите дивоизградени куќи, згради, индустриски објекти, базни станици и објекти од државно значење.

Објектите кои нема да бидат легализирани ќе бидат третирани согласно одредбите од Законот за градење и ќе бидат отстранети од страна на надлежните инспекциски служби.

OhridNews