Состојбата со патиштата и снабдувањето со струја во општина Охрид се нормализира, со исклучок на повремени прекини на снабдувањето со електрична енергија. Екипите на ЕВН Македонија се на терен и ги санираат дефектите кои настанаа по обилните врнежи од снег. Локалните патишта речиси сите се проодни, информираат од Центарот за управување со кризи.

Општина Дебрца се уште нема струја, се работи на отстранување на дефектите и како што ќе се санираат така снабдувањето со електрична енергија ќе се нормализира. Прекин во водоснабдувањето има во дел од селата во општината. Непроодни се мал дел од патишта кои водат до места кои се на повисока надморска височина.

Состојбата во општина Струга е потешка. Поради поголем дефект, струја нема во делови од градот и во речиси сите села во општината. Во прекин е и снабдувањето со вода за пиење. Патиштата до поголем број села се неисчистени и непроодни.

Надлежните изразуваат надеж дека до пладне ќе се санираат сите проблеми затоа што и временските услови се подобри споредено со вчерашниот ден.

OhridNews