Десетици илјади фанови од регионот се очекува да привлече првото издание на фестивалот “Ohrid Calling” што го организира светски реномираната продукциска куќа „Авалон“. На 1ви август на СРЦ „Билјанини извори“ ќе настапат светски познатите диџеи Nicky Romero and Lost Frequencies, на 13-ти август на Античкиот тетар концерт ќе одржи легендарниот гитарист Алди Меола, а шлагот на тортата е настапот на култниот британски бенд „The Prodigy“ на 14-ти август на „Билјанини извори“.
На средбата со новинарите, менаџерот Денис Илиоски од „Авалон“ продукција, истакна дека по квалитетот првото издание на “Ohrid Calling”, всушност претставува „Егзит“ во мало.
-На огромно задоволство после Загреб, Белград и Скопје го отвараме фестивалот “Ohrid Calling”. Да го сакаме, негуваме, помагаме и развиваме со што Охрид ќе покаже дека има услови да организира еден ваков голем фестивал. На балканот го имаме „Егзит“ кој направи чудо во светски рамки, а ја нема оваа убавина и овој простор, но тоа е доказ дека концертниот туризам во светот зема се поголм замав, имаме прекрасни услови за работа, но и контакти низ светот и мислам дека овој фестивал уште долго ќе се одржува. Имаме листа на имиња за сечиј вкус, за што најдобра потврда е одличната продажба на карти не само во Македонија, туку и во Бугарија, Србија, Албанија, Косово, Грција, а за Продиџи се најавуваат и големи тури од Англија. – истакна Денис Илиоски од „Авалон“.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека фестивалот “Ohrid Calling“ во иднина ќе стане препознатлив белег на Охрид, што ќе има значајна улога во туристичката понуда на Охрид. Тој смета дека ваквите настани и воведување на повеќе чартер линии со нискобуџетни компании од и кон охридскиот аеродром, ќе придонесат за зголемување на бројот на странски гости во градот.
-Се надевам дека од година во година листата на познати светски музички имиња ќе се проширува што ќе биде причина Охрид да се етаблира во регионален центар на забавата, кој ќе се развива во иднина.– истакна градоначалникот Бакрачески.
Одговарајќи на новинарско прашање околу недостатоците на СРЦ „Билјанини извори“, Бакрачески истакна дека се прават напори истиот инфраструктурно да се уреди со цел да ги задоволи потребите за организација на големи концертни и спортски настани.
-Сведоци сме дека со децении овој простор е запоставен. Наша цел е соодветно да ги уредиме пристапите кон „СРЦ Билјанини извори“ и да обезбедиме соодветна инфраструктура за организација на големи настани. Во тој правец ќе бидат нашите активности во следните две до три години, а посебен акцент ќе биде ставен на решавање на паркирањето, за што размислуваме да се изгради катна гаража на просторот на СРЦ „Билјанини извори“. – рече Бакрачески.
Г.М.