По повод одбележувањето на дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Република Австрија, со поддршка на Министерството за култура, годинава ќе биде реализирана богата и разновидна културна програма преку која македонската култура ќе биде претставена пред австриската публика, а австриската култура ќе биде претставена во Република Македонија.

Пред македонската јавност во Скопје, Битола и во Охрид во следниот период ќе бидат презентирани повеќе културни содржни преку кои на македонската публика ќе и биде доближена австриската современа културна сцена. Предвидена е изложба на цртежи на Леополд Форстнер, како и групната изложба „Obsessions “, во чии рамки ќе бидат претставени  дела од македонски и австриски современи автори. Австриската музичка сцена ќе биде претставена преку концерт на двајца реномирани австриски изведувачи на оргули, а во повеќе градови во Македонија ќе биде изведена операта „ Cosi fan tutte“.   

Македонската современа танцова естетика, во септември, пред австриската јавност ќе биде претставена преку изведбата на балетската претстава „14 часа“, за која музиката ја напиша Кирил Џајковски, а кореографијата и сценографското идејно решение се на Игор Киров. Драмскиот театар, во австриската престолнина предвидено е да ја изведе претставата „2012 – Последните Македонци“ по текст и режија на Сашо Миленковски, додека пак македонската современа ликовна сцена ќе биде претставена со изложбата на Музејот на современата уметност која содржи дела од македонски и австриски уметници.