Туристичките потенцијали на Охрид ќе бидат претставени на Саемот за туризам во Белград кој ќе се одржи од 24 до 27 март. Општина Охрид ќе настапува со сопствен пулт во рамки на штандот на Агенцијата за промоција на туризмот, како заеднички настап на повеќе општини и претставници на туристичко-угостителскиот сектор, информираат од Секторот за туризам и локален економски развој.

Во рамки на саемот предвиден е и промотивен настан пред претставници на туристичкиот сектор и новинари и медиуми од Србија, како и повеќе средби со заинтересирани страни, во насока на презентирање на туристичката понуда на Охрид, пост-пандемските услови во туристичко-угостителскиот сектор, како и можноста за вклучување на Охрид во регионални програми и иницијативи, велат од ТЛЕР.

Освен претходните две години поради пандемијата, велат, Општина Охрид редовно зема учество на Саемот за туризам во Белград како еден од најголемите туристички собири во регионот.

Со оглед на тоа дека на српскиот пазар, Охрид бил и сè уште е една од омилените дестинации, позитивната пракса од промоцијата на градов ја наметнува неопходноста од продолжување на негувањето на добрите односи и релации со туристичките работници од Србија. Секако, учеството на голем број претставници од туристичкиот сектор од Охрид на саемот, и нивните лични напори кои ги прават во однос на промоцијата на Охрид и туристичката понуда на градот, се од особена важност во задржување на континуитетот на бројот на посетители кои доаѓаат секоја година во Охрид, додаваат од ТЛЕР.

Пост-пандемскиот период, како и безбедносната состојба предизвикана од конфликтот во Украина несомнено се одразува како на бројот на веќе планирани и договорени туристички аранжмани, така и на можностите за промоција на Охрид, велат од ТЛЕР додавајќи дека промоцијата на градот е еден од поважните сегменти за развојот на туризмот, а и голем број на други надворешни влијанија имаат своја улога во остварувањето на целите.

На почетокот на мај во Охрид е планирано да се одржи Саем за туризам, што би требало да биде и почетна иницијатива за засилена активност во однос на промоцијата на Охрид. Се разбира, и понатаму Општина Охрид преку настапите на други саеми во партнерство со АППТ ќе ги продолжи промотивните активности, а воедно ќе се разгледуваат и нови форми за промоција на туристичката понуда на Охрид, додаваат од ТЛЕР.

Н.С.Ј.