Општина Охрид до крајот на годината ќе влезе во втора фаза на децентрализација најави вчера во Скопје министерот за Локална самоуправа, Невзат Бејта. Тој наскоро ќе ја посети општина Охрид со цел да се запознае одблиску со проблемите. Министерот Бејта инсистира што поскоро да се одблокира процесот на децентрализација кој е од суштинско значење за развој на локалните самоуправи.

-Треба еднаш засекогаш таму каде што можеме да ги отстраниме недостатоците кои ги имаат одредени општини, или општините каде што нема административен капацитет да ги отстраниме, затоа што тие не се формирани по желба на градоначалниците туку постојат согласно Законот за територјална поделба и мора да влезат во втора фаза на децентрализација.-изјави Бејта.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, во изјава за националната телевизија „Телма“, истакна дека општината ги исполнила сите услови за влез во втората фаза уште кога процесот почна да се спроведува пред четири години, но поради наследен долг од 15 милиони евра општината е во застој и покрај тоа што има одлука за земање кредит од домашните банки за да се исплати долгот и да се надмине последната пречка за влез во втората фаза. Сепак, според Петрески, министерот за финансии, Зоран Ставрески, не ја потпишува согласноста.

Проблемот е што нема политичка волја тоа да се заврши, затоа што ако се потпише и земеме кредит ние уште поуспешно ќе работиме, а тоа изгледа некому не му е во прилог и мислам дека тука влијание имаат и пратениците од Охрид од ВМРО ДПМНЕ, сигурно и тие бараат Охрид сеуште да се држи во стеги за да не се развива онака како што треба да се развива.-изјави Петрески.

Градоначалникот смета дека се додека не влезе во втората фаза од децентрализацијата Охрид ќе трпи штети, бидејќи сеуште исплаќа затезни камати за наследениот долг и работи со блокирана жиро сметка, а воедно не може да аплицира пред европските фондови за веќе готови проекти. Процесот на децентрализација е еден од најважните услови за влез во ЕУ, но се покажа дека тој во државата не функционира успешно, вели Петрески во изјавата за „Телма“.

OhridNews