Изгласана Одлуката за формирање на Совет на заштита на потрошувачи во Општина Охрид. Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи на Охрид, истакна дека се предвидени активности за едукација на членовите на советот во делот на потрошувачкото право, едукација во делот на потрошувачките политики, подигање на свеста на потрошувачите во односна нивните права и улогата во пазарната економија, информирање на јавноста за Законот за потрошувачи, активности за следење на состојбите на локалниот пазар, јакнење на институционалната рамка и воспоставување соработка и координација помеѓу субјектите релевантни за заштита на потрошувачките права со посредство на инспекциските органи за обезбедување на пазарниот надзор.

Целта на формирање на Совет на заштита на потрошувачите ќе биде сензибилизирање на јавноста за заштита на потрошувачите и подигнување на нивото на заштита на потрошувачите во Општина Охрид. Со формирање на овој Совет, Советот на Општина Охрид дава свој придонес во остварувањето на таканаречените 8 основни потрошувачки права кои се прифатени од страна на ОН, истакна Спироски.

Секојдневно сите ние сме потрошувачи и неминовна е потребата од формирање на ваков Совет и со самото тоа да се подигне степенот на заштитата на потрошувачите во Општина Охрид. Ќе правиме јавни трибини, едукации, брошури се во насока на тоа граѓаните да се запознаат со своите основни потрошувачки права, додава Спироски.

Заштитата на потрошувачите во развиените современи демократски општества е препознаена како една од правата во фокусот на правата на човекот и граѓанинот и како такво се вбројува во правата за приоритет кој секоја држава е должна да го заштитува низ правниот систем и соодветните политики. Р. Македонија, вели Спироски, започна активно да работи на полето на заштита на потрошувачите во 90-тите години на минатиот век, што резултираше со донесување на првиот Закон за заштита на потрошувачите во 2000 година со креирање на првата конзистентна политика во 2006 година донесувајќи ја првата Програма за заштита на потрошувачите.

Потребата од креирање на локални потрошувачки политики се базира првенствено на процесот на децентрализација кој во процесот на преземање, трансфер на надлежности од централната на локалната власт зафати подрачја кои се од исклучително значење за заштита на потрошувачите како што се образованието, здравството, локалните пазари, социјалната и сл. и заедно со комуналните услуги кои традиционално се даваат на локално ниво претставуваат значителен корпус на прашања од интерес на потрошувачите, истакна Спироски.

Н.С.Ј.