19-та НАТО вежба во организација на НАТО Евроатланскиот Центар за координација на одговор при катастрофи и Центарот за управување со кризи започна денеска во поранешната касарна Генерал Михајло Апостолски во Охрид.

 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на денешното официјално отопчнување со вежбата истакна дека со овој настан во нашата држава се придонесува за унапредување на ефикасноста и јакнење на меѓусебните врски во национални и меѓународни рамки.

Споменувајќи ги предизвиците од поново време со кои се соочуваме како држави, меѓу потенцијалните ризици и закани по безбедноста на Република Северна Македонија како членка во НАТО би ги издвоил организираниот криминал, нелегалната миграција, компјутерскиот криминал и сајбер нападите, лажните вести и секако пандемијата со Ковид-19 за кои во зависност од комплексноста за нивно откривање, спречување, степенот на опасност и интензитетот на последиците е неопходен современ регионален пристап и заедничка стратегија за делување, истакна Спасовски

При планирањето на оваа вежба Република Северна Македонија сеуште беше партнерна нација, но сега е горд член на НАТО. 30 нации и една милијарда луѓе припаѓаат тука, тоа опфаќа и обврски, но и можности да се биде дел од нешто уште поголемо, истакна Помошник генерален секретар за операции на НАТО Џон Манза.

Оваа вежба покажува дека тренингот не се ограничува само за одбрана и за подготовка на операциите кои се во тек. Многу важно да се вежба нашата отпорност на катастрофи кои се предизвикани било од природни било од човечки фактор. Ова е можност да се развие една заедничка експертиза, да се зајакнат пријателствата на уште подлабоко ниво. 19-та вежба која е во тек, е доказ за нашата отпорност ние се соочуваме со големи сериозни здравствени предизвици речиси две години. Изминатите месеци беа тешки за сите тимови кои се присутни,се соочувавте со катастрофи во вашите држави.

За Центарот со управување со кризи како дел од безбедносниот систем, членството во НАТО е придобивка сама по себе, вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. Според него, државава подготвено ги превзела обврските што произлегоа од полноправното членство во Алијансата, вклучувајќи го и долгорочниот придонес кон регионална и евроатланска безбедност и стабилност. Ангелов ја потенцираше важноста на дигитализацијата на системот за управување со кризи преку НИКС системот „Следна генерација на Инцидент Команд Системот“ во државава кој овозможува просторно прикажување на податоци во реално време.

Токму оваа НАТО вежба ќе биде одлична можност да се тестира функционалноста и оперативноста на овој систе. Вежбите играат витална улога и во националната и во меѓународната подготвеност, овозможувајќи им на засегнатите страни на сите нивоа тестирање и потврдување на конкретни планови, процедури и способности. Оваа вежба претставува исто така одлична можност да се потенцираат областите кои бараат понатамошно подобрување, вели Ангелов.

По воведните обраќања се одржа дефиле на единици, промотивно разгледување на штандовни и вежбовна точка, показно спасување на пат- симулација на сообраќајна незгодна, односно реално извлекување на жртви од сообраќајна незгода, потоа беше симулиран пожар на болница настанат по земјотрес и извлекување на луѓе од објектот којшто се заглавени во тешко пристапен терен.

За прв пат оваа вежба ќе трае три дена за која се развиени  сценарија кои се реалистички, а се базираат на урбани операции за: пребарување и спасување, планинска потрага и спасување, одговор на поплави, одговор на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и кампањи за лажни вести што ќе влијаат на цивилното население и критичката инфраструктура во околината на Охрид и Струга. Активностите на вежбата ќе ги развијат дополнително способностите на тимовите за спасување на животи во време на криза.  На 19-та по ред НАТО вежба за цивилна заштита учествуваат околу 700 учесници од 28 земји членки на алијансата.

 

К.А

Фото : К. Симиџиоски