Вчеравечер свечено беше отворен првиот „Охридски конгрес на правото 2022“ на тема „Положбата на судиите на Балканот и нивна институционална и лична независност“.

Градоначалникот Кирил Пецаков во своето поздравно обраќање истакна дека посебна е честа и задоволство што овој голем конгрес од областа на правото се одржува во Охрид, градот крај убавото Езеро, Балканскиот Ерусалим кој периодов со вакви случувања станува центар за развој на конгресен туризам.

Импозантниот број на учесници, 150 студенти по право од Македонија, Хрватска, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина доволно зборува за важноста на овој настан на кој предавања и панел дискусии ќе одржат еминентни судии и професори по право. Денес и наредните два дена тука ќе има размена на мислења и ставови, нови научни сознанија од областа на правото, ќе се дебатира и дискутира на значајни и сериозни теми, рече Пецаков.

На стдентите, идните правници, адвокати или судии им посака остварување на соништата, додавајќи дека успесите не доаѓаат одеднаш.

Луѓето кои се успешни сфаќаат дека не смееме да им дозволиме на неуспесите да не дефинираат, туку обратно тие да не научат, што и како да направиме за наредниот пат. Ви посакувам успешна и плодна работа и пријатен престој во убавиот Охрид, градот со Самулиовата тврдина, со цркви и манастири колку што има денови во годината, со галерии и музеи на копно и вода. Градот во кој има ресторани, кафулиња, забава и мир за сечиј вкус. Работете вредно и издвојте време да уживате во нашиот Охрид, додаде Пецаков.

Покрај градоначалникот Пецаков на отворањето се обрати и деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф. д-р. Сашо Георгиевски.

Во работниот дел во наредниве денови свои обраќања ќе имаат еминентни судии, обвинители и професори по право.

Организатор на настанот е Факултетското студентско собрание и студентите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје. Конгресот завршува на 16-ти oктомври.

OhridNews