Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска беше домаќин на професори и ученици од ООУ „Ванчо Николески“ и нивни колеги и соученици од Романија, Португалија, Италија, Турција и Хрватска кои преку ЕРАЗМУС Плус програмата заеднички го реализираат проектот „ Наша култура, наша иднина“.

Во своето поздравно обраќање градоначалникот Пецаков, истакна дека огромна е честа да се биде домаќин на професори и ученици од неколку европски земји кои во наредниве неколку дена одблиску ќе се запознаат со културата, традициите и обичаите од нашето поднебје, а уште поголемо е задоволство што ООУ „Ванчо Николески“ како дел од ЕРАЗМУС Плус програмата неколку години по ред преку образовна мобилност носи Европски искуства во нашиов образовен процес.

Образованието е најмоќното оружје што можете да го употребите за да го промените светот. Затоа не скршнувајте од патот на кој веќе сте тргнале. Учете и крадете знаење. Оној кој ќе престане да учи, старее, без разлика дали има 20 или 80 години. Оној кој постојано учи, останува млад, рече градоначалникот Пецаков.

Во Охрид, рече Пецаков, по многу основи доаѓале светски познати личности, научници, уметници, доктори и сите биле добредојдени и го пронашле она што го барале и зминувале со многу инспиративни спомени кои ги терале повторно да се вратат и да ги почувствуваат убавините, духот и спокојот на овој древен град.

Верувам дека дел од нив ќе бидете и вие. Дотогаш посветете се на учењето, вложувајте труд за да ги достигнете највисоките хоризонти. Само со учење ќе обезбедите најдобро место во општеството, односно она што вие го посакувате, додаде Пецаков.

Гостите од неколку европски земји кои се дел од проектот во градов ќе останат пет дена и одблиску ќе се запознаат со неговите убавини, култура и традиции.

ООУ „Ванчо Николески“ од с. Лескоец и претходно беше дел од ЕРАЗМУС проекти. Преку програмата „Стратешки партнерства за училишна размена се реализираше проектот „Бришење бариери преку споделувања богатства“, а претходно се реализираше проектот „Чиста природа – долг живот“.

OhridNews