Од денеска до 4-ти октомври 2014 година Охрид ќе биде домаќин на „4-тиот Македонски конгрес по ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања со меѓународно учество.
Овој научен собир го организира Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Република Македонија во соработка со Универзитетска клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболички нарушувања на Медицинскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
-Конгресот го организираме после 6 години, временски период за кој се случија многу новини во областа на ендокринологијата и дијабетесот и поради тоа овој настан може да се смета како главен настан во развојот и надградувањето на знаењата за оваа област во нашата земја. Во оваа смисла, со анализа на достигнувањата во областа на ендокринологијата од последните години ќе можеме подобро да ги разбереме ограничувањата, ризиците и предностите на нашите дијагностички и терапевтски приоди, информираат од Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Република Македонија.
Оттаму се надеваат, дека овој Конгрес ќе биде место каде ќе бидат разменети информации, новини, искуства преку актуелна програма и со извонредни предавачи од Македонија и светот.
Според најавите, на овој научен собир ќе се дискутира за „Дијабетес тип 2“, „Дијабетес тип 1“, „Липиди и третман на кардиоваскуларен ризик“, „Микроваскуларни дијабетични компликации“, „Нови правци во третманот на дијабетесот“, „Дебелина и третман на зголемена телесна тежина“, „Хипоталамични и адренални нарушувања“ и други теми.
OhridNews