Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески денеска го отвори Форумот за мониторинг на електронските комуникации и услуги на информатичкото општество во земјите кандидати и аспиранти за членство во Европска Унија, кој се одржува во Охрид.

Во своето обраќање пред учесниците на форумот, меѓу кои е и делегација од Европската Комисија, предводена од Раководителот на секторот за пристапни земји при Генералниот Директоријат за информатичко општество Оливие Паскал, Министерот Јанакиески укажа на преземените активности во изминатиот период во областа на либерализација на  електронските комуникации. При тоа  тој истакна дека постои либерализација на фиксната телефонија, зголемена конкуренција на пазарот на мобилната телефонија, пристап до 3Г услугите преку понудата на двата мобилни оператори.Јанакиески потсети дека минатиот месец пратениците во Собранието на Република Македонија ја усвоија Стратегијата за развој на следна генерација на широкопојасен интернет, и дека на  јавен тендер беше избрана и компанија која ќе започне со емитување на дигиталната телевизија на територијата на Република Македонија, како и дека во тек е изготвувањето на измени на законот за електронски комуникации и законот за радиодифузија со кои македонската регулатива во оваа област ќе се усогласи со најновите директиви на Европската Унија.

„Во Република Македонија е направен голем прогрес во последните години за суштинска либерализација на комуникацискиот сектор, а Владата развојот на електронските комуникации и информатичкото општество ги сфаќа како круцијални за напредокот на државата и за зацврстување на демократијата и остварување на правата на граѓаните. “,  истакна Јанакиески.

Ohridnews