Во Охрид деновиве се одржува Академска конференција „Европа со или без граници“, што ја организараат Македонскиот политиколошки форум во партнерство со Правниот факултет „Јустинијан Први“ и со поддршка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Завршно предавање пред учесниците, вчера, имаше претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов кој на идните политиколози им порача своите активности да ги насочат кон подобрување на состојбите, посочувајќи дека академските граѓани се присутни во сите сфери на општеството и значајно влијаат врз севкупните состојби во земјата.

– Очекуваме од овие луѓе кои беа на денешниот форум во иднина да ги гледаме на многу одговорни функции. Добро е на овие години тие да се сплотени и единствени, да наоѓаат заеднички јазик за состојбата во земјата, во регионот и да ја користат науката за осознавање на новата реалност во која живееме, рече Иванов.

На Македонскиот политички форум кој годинава одбележува 15 години постоење, учествуваа 50 студенти по политички, економски и сродни науки од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, САД и Велика Британија, кои дебатираа за економската ситуација и економските предизвици, предизвиците на ЕУ на Западен Балкан и иднината на земјите-кандидати за членство во ЕУ.

OhridNews