Во рамките на проектите реализирани од страна на Министерството за надворешни работи е и Летниот камп – 2014 „Ја сакам Македонија”, а истиот веќе петти ден се одржува во хотелот „Десарет” во Охрид, за вкупно 100 деца од Заедниците на Македонците од соседните држави на Македонија, од балканските земји и дијаспората, јавува „Макфакс“.
 
Во склоп на истиот, професори од Универзитетот „Гоце Делчев” Штип работат со децата на унапредувањето на нивните познавања за литературниот македонски јазик и култура. Дополнително, во предавањата за македонската историја се вклучија и научни соработници од Институтот за национална историја во Скопје.
 
За состојбата околу изучувањето на македонскиот јазик и воопшто почитувањето на човековите права на Македонците во соседните држави, зборуваа воспитувачите на децата – учесници од соодветните земји. Активностите на летниот камп ќе финализираат со квиз натпревар, турнир во мал фудбал и завршна приредба на која учесниците – ученици ќе се претстават со свои точки од областа на културата.
 
Исто така, децата – учесници во рамки на програмата на Летниот камп имаа можност да присуствуваат на натпреварите од ракометниот турнир Струга 2014, каде ги запознаа македонските ракометни репрезентативци, а во културниот и забавниот дел се дружеа и со македонската музичка ѕвезда Даниел Кајмакоски.

OhridNews

извор: „Макфакс“