Претставници на светски познатите компании UNILEVER, ALFA LAVAL, KRAFT FOODS, STORK, NESTLE, COCA COLA, TETRA PAK, SKF…, како и домашните SWISSLION, Кожувчанка, Пекабеско, Жито Полог, Мега, Завар, Сковин, Римес, Битолска млекара, Алкалоид, Фармахем и многу други, учествуваат на најголемиот светски настан во 2011 година прехрамбената индустрија – Светскиот конгрес на Европската групација за хигиенско инженерство и дизајн (EHEDG) што се одржува во Охрид.

– Република Македонија е прва во цела Југоисточна Европа која е членка на EHEDG, далеку сме понапред од земјите на поранешна Југославија, како и од нашиот јужен сосед и од Бугарија и од Албанија и од Унгарија, Чешка, Словачка и другите земји и затоа Македонија има чест да го организира овој настан, истакна проф. Д-р Владимир Какуринов-претседател на Македонската регионална секција на EHEDG.

Според него генерално состојбата со производството и продажба на храна во земјава е добра, но постојат и недостатоци кои се општо познати.

-Првата работа на која треба да се поработи на свеста на потрошувачите што производи користат, бидејќи не е најважен само економскиот момент, туку здравјето на човекот. Второ, треба да се зајакнат институциите кои што ги пишуваат законите со инспектори за да може да се спроведе контрола на соодветен начин, а до компаниите би алудирал да поработат на градење на кадар и на опрема, посебно во делот на хигиенско инженерство и дизајн каде што би требало да се консултираат со вистинските луѓе за да ги лоцираат своите објекти, да купуваат соодветни производни линии кои што нема да им прават трошоци и да предизвикуваат труење со храна, туку ќе бидат хигиенски дизајнирани и само ќе произведуваат профит-посочи Какуринов.

Во рамки на тридневниот конгрес на кој учествуваат повеќе од 220 експерти за храна од 35 земји во светот, ќе бидат изложени производи и современи технологии за производство на храна.

Г. Момироски