Охрид на 11 и 12 јули ќе биде домаќин на третата регионална средба на претседателите на Македонија, Ѓорге Иванов, на Албанија, Бамир Топи, на Косово, Атифе Јахјага и на Црна Гора, Филип Вујановиќ, информираат од кабинетот на Иванов.
Предвидено е четворицата претседатели да разговараат на повеќе теми, доминантно поврзани со интеграциите во НАТО и во Европската Унија: јакнење на демократските и реформските процеси, зголемена економска соработка и поттикнување на регионални инвестиции, инфраструктурно и енергетско поврзување, како и за прекуграничната соработка во борбата против криминалот.
Целта на овој традиционален собир, како што информираат од кабинетот на Иванов, е одржување на дијалогот меѓу четирите земји на највисоко ниво.
Првата средба во овој формат беше одржана во Валона, Албанија, додека минатата година втората средба се одржа во Призрен, Косово.
извор:„Макфакс“












