Денеска во Охрид започна тридневната Конференција „Проектни предизвици – Локална самоуправа, граѓански организации, образование и спорт“ што ја организираат Геостратешкиот институт „Глобал“, спортската академија „Скај Велнес“ и Општинскиот сојуз на училишен спорт.
Во улога на домаќин на конференцијата пред присутните се обрати градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков кој се осврна на значењето на спортот и физичката активност што е и главна тема на дискусија на настанот.
Одамна е познато дека основна друштвена и индивидуална вредност е човечкиот живот и здравјето. А основна алатка за здрав живот и ведар дух е спортувањето. Спортот како натпревар или игра има огромно значење за правилен психофизички развој на децата и младите. Токму затоа огромно е значењето на образовните и останати институции во правилно насочување на младите, а во таа насока е организирана и денешнава конференција, рече Пецаков.
Упати честитки до Здружението за Геостратешки Истражувања „Глобал“, Скај Велнес и Општинскиот сојуз на училишни спортови кои го реализираа проектот “Учиме да пливаме“, а во којшто беа вклучени првачињата и деца со посебни потреби од Скопје.
Се надевам дека вакви спортски случувања во иднина ќе се организираат и тука во нашиов град. Деновиве ќе имате тематски дебати во кои ќе бидат вклучени универзитетски професори, домашни експерти, раководители на Сектори од локално и национално ниво и еминентни новинари. Посакувам да донесете заклучоци кои ќе овозможат напредок во спортскиот живот, а нас ќе не обврзете да работиме на континуирано усовршување на условите за спортување, рече градоначалникот Пецаков.
Пригодни обраќања имаа и градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцински и проф. д-р Иван Анастасовски од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје.
OhridNews













