Во организација на Македонската квиз асоцијација во недела на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид ќе се одржи завршниот Мастерс квиз за оваа сезона. На веќе традиционалниот настан најдобрите квизаџии од земјата ќе имаат можност да ги одмерат своите знаења, на најразлични теми од областа на културата, забавата, знаења од историја, животен стил, медиуми, наука, спорт и свет.

Овој настан, кој прерасна во традиција, по трет пат го носи елитниот квизерски дух на македонската сцена токму во Охрид. Секој учесник ќе одговара на вкупно 200 прашања, поделени во два дела со по четири теми и 100 прашања, а времето за решавање на секој дел е еден час, велат организаторите.

Посочуваат дека автор на прашањата за овој квиз е искусниот квиз-мајстор Мартин Мајк Петрески, а настанот започнува во 11 часот.

OhridNews