Охрид достоинствено го чествува ликот и делото на Григор Прличев. По традиција во рамки на „Прличевите беседи“ и годинава се одржа свеченоста „Стихови и звуци за Прличев“ во родната куќа на Прличев.  Настанот започна традиционално со звуците на песната „1762 лето“.

Пред присутните поддржувачи и почитувачи на ликот и делото на Прличев се обрати заменик градоначалничката на Охрид, Ана Крстеска која истакна дека иако поминаа 133 години од упокојување, ликот и делото на Прличев и денес живеат во духовната меморија на нашиот народ и претставуваат светел патоказ за идните генерации.

Опсежната книжевна критика го вреднува Прличев како еден од најгенијалните поетски таленти и најрепрезентативните личности на македонското литературно небо. Неговото име, неговото творештво и неговиот животен пат и денес се предмет на сериозни научни истражувања и трајна инспирација за нови истражувања. Особено ми претставува чест што денеска во рамките на оваа манифестација ќе бидат врачени и наградите за најдобрите творби на литературниот конкурс на Основното училиште „Григор Прличев”. Им честитам на сите ученици, кои со својот талент, труд и љубов кон пишаниот збор покажаа дека Прличевото духовно наследство живее и продолжува. Се надевам и искрено посакувам, дека меѓу овие млади ученици, кои се денес тука со нас, ќе се истакне некој нов, уникатен уметнички талент, кој ќе ја збогати охридската книжевна ризница, рече Крстеска.

Упати благодарност до неуморните дејци Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски за новото книжевно издание со наслов „Охридска книжевна историографија”.

Ова е тринаесеттата книга од едицијата Охридско книжевно наследство и во ова значајно издание на околу тристотини страници, хронолошки и антолошки се прикажува историјата на Охрид низ пресекот на книжевноста и историографијата, создавана од охриѓани. Со особено задоволство сакам да потенцирам, дека со поддршка на Општина Охрид, преку Оделението за култура, обезбедени се и две изданија на книгата „Јазик и леб” од Славе Ѓорго Димовски, отпечатени на Брајово писмо. Оваа иницијатива ја потврдува нашата посветеност кон инклузивноста, хуманоста и грижата за секој поединец, затоа што културата и знаењето треба да бидат достапни без исклучок. Локалната самоуправа континуирано дава придонес во зачувување и унапредување на културните вредности на нашиот град, а ваквите проекти се потврда дека Охрид останува град на духовноста и на книжевноста, додаде Крстеска.

Два примерока од книгата „Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски отпечатена во Брајово писмо беа подарени на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид.

Воедно беа врачени и наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“.

Присутните ја проследија и на промоцијата на книгата „Охридска книжевна историографија“ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Уредникот на книгата Митре Велјаноски благодарение на неуморниот труд, благодарение на огромните знаења на врвните интелектуалци, научни работници, професор доктор Димитар Пандев и еден од нашите најголеми современи македонски поети Славе Ѓорѓо Димоски, настана оваа едиција, а се со една цел зачувување на Прличевото културно наследство.

Бидејќи сите знаеме дека историјата ја пишуваат победниците, но книжевната историографија, насловот на оваа книга, ја пишуваат учените луѓе, писмените и тоа крајно објективно. И една реченица во оваа книга ќе каже и ќе посочи и ќе апелира, како што Охрид направи Охридска книжевна историографија, така и Република Македонија треба да направи македонска книжевна историографија, за да не ни се случува ова што ни се случува денес. Од страниците на оваа книга сите ќе можат да видат што е Охрид. Охрид не е обичен град. Охрид не е само град на културата и на просветата, излитена метафора што ја користиме. Охрид е благослов Божји и затоа имаме обврска и према Охрид и порачуваме по овој пример, тоа да го направат и останатите, да го направи и Македонија, да создаде едно вакво капитално дело, врз кое сите и оние што ја претставуваат Македонија во некакви историски комисии, ќе знаат според делата на дејците да судат кои биле и за што се бореле, а не според нивните крштеници, додаде Велјаноски.

Промоторот на книгата Бобан Карапејовски, кој воедно е и пратеник во Собранието на РСМ посочи дека прв пат зборува за оваа книга од овој серијал на Прличевите беседи, но трет или четврти пат промовира или пишува за книги од оваа едиција.

Тоа е огромна чест, но и сериозен и голем товар, зашто охридската публика, без друго отсекогаш знаела да го цени и пишаниот збор, но и зборот изречен за пишаното. Високиот критериум на охридската публика претставува сериозна обврска да се биде не само достоен на промоторската задача, туку и да се направи своевидно себенадминување за авторот на беседата да се приближи до специфичниот осет на слушателите. Историјата на охридската книжевност, која започнува со историјата на словенската писменост, општината Охрид реши да го овековечи во тринаесет изданија досега, уредени од Митре Велјаноски, а преведени од Слави Ѓорѓе Димовски и Димитар Панде. Зашто само писмото е вечно, иако постои помалку од зборот, а зборот, односно словото е врзан не само за Охрид како топоним, туку и за Охрид како културна престолнина, додаде Карапејовски.

Проф.д-р Димитар Пандев посочи дека оваа книга со Славе Ѓорѓо Димоски ја работеле најмалку шеесет години во кои ги читале авторите што се опфатени во оваа книга и се дружеле со нив.

На извесен начин сум учествувал во целосното оформување на нивните дела, а на дел од овие автори што овде се застапени сум бил дури и лектор. Но, сакам да истакнам што е најклучно во оваа книга или како и пристапуваме на историографијата, во онаа смисла во која што бараме кодови. Сакам да ги истакнам клучните две реченици што се вклопени во првиот дел од оваа книга, а тоа се токму оние записи историографски, врз кои што подоцна се заснова и вториот дел, односно Охридската книжевна историја. Клучниот детал во автобиографијата на Григор Прличев гласи: „Многу псалми преведени на македонско наречје се читаа по црквите и им вдахнуваа свештен ужас на христијаните”. Ова се однесува негде на 1861 година кога почнува црковно народниот подиг во Охрид, а го водат Григор Прличев и Кузман Шапкарев, двајца лути противници. Втората реченица му припаѓа на Темко Попов и таа гласи: „Националниот дух во Македонија до такво дереџе денеска е стигнал, што тој и сам Исус Христос, ако слези од небоно, не може да го убеди Македонеца оти тој е Бугарин или Србин“. Ова го кажале и Прличев и Попов, автори на кои што ние сме им се восхитувале, потенцираше Пандев.

Како општина сме можеби единствени во Македонија со ваква традиција што се враќаме кон својот град, кон корените, рече Ѓорѓо Димоски.

Нашиот град има огромна вертикала. Ако го земеме од Лихнидос, преку првиот универзитет, па до ден денешен. Сакам оваа книга да ја препорачам на читателите и со внимание да го проследат историскиот развој на Охрид преку литературните дела, преку книжевноста и да се види што е документарно, а што е литературна или уметничка фикција. Делото е пред нас и е еден добар, значаен продолжувач на оваа едиција, додаде Ѓорѓо Димоски.

Н.С.Ј.