Охрид ќе биде безбеден за претстојните Новогодишни и Божиќни празници. Ова се очекувањата на Локалниот совет за превенција, кој денеска ја одржа својата прва седница.

Градоначалникот Александар Петрески кој раководи со ова превентивно тело, вели дека инцидентите кои што се случија во Охрид, во изминатиов период не треба ја отсликуваат  општата безбедносна состојба во градот.


-Безбедносната состојба во Охрид моментално е на многу високо ниво.  Инцидентите кои се случија се изолирани и истите најверојатно се случуваат поради тешката економска состојба во Република Македонија. Спречувањето на  инцидентите не зависи само од полицијата и градоначалникот. Треба да се има и домашно воспитување и подобрување во образовниот процес, но и промени во судскиот систем,  затоа што исти лица постојано ги повторуваат делата, изјави Петрески.

Тој очекува дека претстојните Новогодишни празници ќе поминат во мирна и празнична атмосфера.

-Очекуваме преку 30.000 посетители само од странство и затоа треба да се подготвиме за подобро да ги пречекаме истите и да им овозможиме да се чувствуваат безбедно. Што подобро ги пречекаме туристите, тоа продобро ќе влијае врз имиџот на Охрид, како туристички центар, вели Петрески.

Тој нагаласи дека Советот за превенција нема да може да делува во сите сфери, но затоа може да делува превентивно.


И од СВР Охрид велат дека безбедносната состојба во Охрид е на задоволително ниво и дека полициските служби успешно се справиле со причинителите на претходните инциденти.

-Иако минатиот месец имаше некои нарушувања на јавниот ред и мир кои ја загрижија локалната заедница, со брза интевенција и со ефикасна акција на полициските службеници лицата беа приведени и откриени и истите беа пријавени на Основниот суд во Охрид, со соодветни поднесоци, рече Добре Петревски, командир на Полициската станица во Охрид.


Тој се согласува дека инцидентите во Охрид ги предизвикуваат едни исти групи и  лица.

-Се работи за еден ист тип на нарушители, причинители и повторници на нарушувањата, кои од безобзирни побуди го нарушуваат јавниот ред и мир. Превземени се сите мерки за пронаоѓање и приведување на овие лица и поднесени се соодветен број на пријави. Се трудиме полицијата секогаш да биде присутна на фрекфентните места во градот и да го чува редот и мирот , вели комадирот Петревски.

Од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај во Охрид велат дека веќе ги превзеле сите мерки и подготвовки за успешно дочекување на поголемиот број на моторни возила кои се очекуваат во претстојниот период.

OhridNews