Со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија и УЕФА , Општина Охрид ќе ги реконструира трибините на фудбалскиот стадион во СРЦ „ Билјанини извори“.

Проектот е вреден 800.000 евра. Со неговото прифаќање се квалификувавме во следна фаза на повици за проекти вредни над еден милион евра од фондовите на УЕФА, за доградба на стадионот „Билјанини извори“. – велат од Општина Охрид.

Фудбалската федерација на Македонија од УЕФА официјално доби дозвола за започнување на активности за реконструкција и изградба на трибини на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, што ќе се реализираат во рамки на програмата за развој на европската куќа на фудбалот. Средствата се одобрени по претходно поднесена апликација и идејни проекти. Во рамките на истата програма за развој, ќе се реконструираат и трибините на стадионот „ Чаир“ во Скопје. Потпишан е и Договор за реконструкција и изградба на трибини на стадионот „Чаир“ во Скопје и стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, кој ги регулира меѓусебните односи при изведување на работите меѓу ФФМ, општините и УЕФА.

Во име на Фудбалската федерација на Македонија сакам да порачам дека заедно со општините и УЕФА продолжуваме со заедничкото градење подобра иднина на македонскиот фудбал. Ова се крупни проекти од исклучително значење, но и дополнителен импулс за локалната самоуправа, се со цел да осигураме убава иднина за нашиот фудбал. Се обидуваме да помогнеме секаде и на секаков начин, искрено се надевам дека тоа ќе го направиме според договореното и согласно нашите и принципите на УЕФА. Наша единствена цел со ваквиот тип на проекти е да овозможиме услови какви што заслужуваат тимовите, гледачите и репрезентацијата. – изјави в.д. претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини.

Со поодршка на ФФМ на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид изминатата пролет беа поставени нови столчиња.

OhridNews