Охрид деновиве е домаќин на 23-та Синдикална школа на Синдикатот на работниците од Управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ). Овој собир е еден вид  форма на едукација на синдикалното членство за прашањата поврзани  со актуелните теми, како што се реформите во јавната администрација и современото синдикално лидерство.

Министерот за информатичко општество и јавна администрација Иво Ивановски, изрази задоволство од досегашната соработка со синдикалните здруженија во земјата, посебно со Синдикатот на УПОЗ како социјален партнер.

– Морам да кажам дека сме задоволни и од она што доаѓа од нивна страна и од предлозите што ние ги испраќаме до нив. Сме имале неколку средби каде се дискутираше за идеите што ги има Министерството за информатичко општество и администрација, како и за законските легислативи и измени што следат, истакна Ивановски, во рамки на отварањето на школата.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Живко Митрески, истакна дека ваквите активности се практичен пример на операционализација на претходно институционализираниот социјален дијалог со Владата и со Министерството за информатичко општество и администрација. 

-Станува збор за школа во која актуелно ќе го разгледуваме она што е во фокусот на вниманието на голем дел од работниците во односните ресори и во контекст на реформите на јавната администрација, односно на законите што се однесуват на ресорот, како и подготовките за потпишување на колективниот договор за вработените во јавниот сектор, рече Митрески.

OhridNews