Иако Скопје и Штип прогласија епидемија на жолтица или хепатит А, во Охрид нема ниту еден регистрриран случај од ова  заразно заболување. Од Центарот за јавно здравје од Охрид сметаат дека Охридскиот регион не е под никаква опасност, бидејќи на ова подрачје веќе неколку години наназад не се регистрирани заболени од жолтица.

-Последниве четири години немаме ниту еден заболен од жолтица односно од хепатит А. Тоа пред се се должи на редовното контролирање на водата за пиење, кое што го врши нашиот центар. Освен тоа што се контролира водата од градскиот водовод, редовно се контролира и водата од селските чешми, а резултатите покажуваат дека во Охридскиот регион има исправна вода за пиење, информираше д-р Јованка Стурлакова Корвешовска, од Епидемиолошкото одделение при Центарот за јавно здравје во Охрид.

Таа објасни дека начинот на пренесување на хепатитот А може да биде контактен, но и преку вода и храна.

-Начинот на пренесување е орален, најчесто е преку нечисти раце и затоа жолтицата се нарекува уште и „болест на нечисти раце“. Значи пред се има контактен пат на пренесување. Болеста може да се пренесе и преку неисправна вода, додека пак нечистата храна може да биде причинител, но во многу ретки случаи, појаснува д-р Стурлакова Корвешовска.

Инаку во текот на вчерашниот ден Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми изјави дека епидемијата на заразната жолтица во Скопје и во Штип нема да го одложи почетокот на претстојната учебна година.

-Засега нема одлука за пролонгирање на учебната година и сметам дека нема да има. Но, ако се донесе ваква одлука, за тоа јавноста ќе биде навремено информирана. Министерството за образование е во контакт со Министерството за здравство и со Институтот за јавно здравје и на последната седница е донесена препорака до сите училишта да преземат дополнителни активности за хигиената за да не се зарази некој од учениците, изјави Адеми.

Според информациите по националните медиуми на скопската Клиника за инфективни заболувања има 16 хоспитализирани пациенти кои се заболени од заразна жолтица, или хепатит А. Хоспитализираните се со добра клиничка слика, а викендов бил примен уште еден пациент со сиптоми на жолтица. Заболените биле на возраст од 5 до 46 години, а доминирале заболените на возраст од околу 20 години.

Е.М