Статистичките податоци и експертски анализи за туристичкиот промет и движења во Охрид во изминатите неколку години покажуваат дека домашните туристи ги има се помалку на охридската ривиера, за сметка на странските.
Иако градот како туристички центар, во шпицот на сезоната нуди услуги кои се поповолни во однос на оние од дестинациите во регионот, сепак многумина се обидуваат да ја прикажат ривиерата како доста поскапа со „напумпани“ цени. Голем дел од туристичките работници причините за намалениот број на домашни туристи ги лоцираат во лошата економска состојба на граѓаните, но и во неодговрните „сезонски“ поединци, кои со своите понуди вон официјалната туристичка, го нарушуваат имиџот во очите на гостите.
Охрид значително поевтин од познатите туристички дестинации во регионот
Охрид не е скап град, напротив, тој е значително поевтин од познатите туристички дестинации во регионот, потенцираат дел од сопствениците на угостителски објекти. Како што објаснуваат тие, цени има за секој џеб, а за лошиот впечаток од минатото се виновни неодговорни поединци кои во екот на туристичката сезона сакаат преку ноќ да остварат профит на штета на туристите, но и на охридскиот туризам во целост.
„И оваа година го коментираме истиот проблем кој е многу лесно решлив и надминлив, а секогашсе навраќаме на една банална работа, а тоа се цените во Охрид. Градот како туристичка дестинација треба да има поевтина, но и поскапа понуда, бидејќи нивото на гости е различно. Ние треба да го решиме проблемот со дивиот начиин на понуда и наплата и сето тоа што е надвор од официјалната туристичка понуда. Имиџот го расипуваат луѓе кои гледаат набрзина да се збогатат, а кои со тоа не размислуваат за иднината, односно не размислуваат дека за релативно ситна печалба, се праќа една лоша порака која многумина ја злоупотребуваат.“ – вели сопственик на угостителски објект во централното градско подрачје.
Злоупотреба на медиумите?
Дел од охридските туристички агенции со заеднички став дека Охрид располага со поволна понуда и капацитети, но анализите покажале дека голем број од домашните туристи веќе го посетиле градот и сакаат да видат нешто ново вон границите на земјава. Како што објаснуваат, секоја година во медиумите се „дофрлаат“ информации дека гостите од Македонија не го „есапат“ Охрид.
„90 отсто од домашните туристи веќе го посетиле Охрид, ги искористиле одморите и прошетале во овој регион. Повеќето од нив имаат пријатели, роднини или директни контакти со хотелите и приватните сместувачки капацитети, па резервациите си ги прават сами. Исто така, голем дел од нив имаат сопствени капацитети, дали станови, вили или апартмани. Така да, намалениот број на оваа категорија гости не е последица на цените и шпекулациите дека Охрид не се сака како што тоа секоја година се прикажува помпазно во медиумите, туку едноствано луѓето сакаат повеќе да одат на море, да доживеат едно ново искуство, да откријат нови места кои не ги посетиле воопшто. Цените во туристичките центри од регионот се поповолни единствено пред и по сезона, но не и во шпицот.“ – велат дел од охридските туристички агенции.
Скратен престој поради финансиите, цените за кревет непроменети
Туристичите работници велат дека голем дел од домашните туристи кои веќе престојувале во нивните приватни сместувачки капацитети, често се навраќаат во Охрид во екот на сезоната.
„Доаѓаат гости кои по пет-шест пати престојувале кај нас. Можеби должината на престојот е помал од година во година, но тоа е најчесто поради финансискиите можности. Иако трошоците се поголеми, цените се непроменети. Заработката е минимална со сместување од 350 денари, но продолжуваме понатаму. Минатата година како и многупати досега, во медиумите се испраќаа фотографии со ценовници од хотелски објекти долж крајбрежјето, чии цени се „напумпани“, но без притоа да се напомене дека тоа е така во текот на целата година. Исто така, во борбата за егзинтенција, ако може така да се нарече, преку ноќ никнуваат објекти, кои во сезона го нарушуваат имиџот и го уништуваат туризмот.“ – вели сопственик на приватен сместувачки капацитет на источното крајбрежје.
Клучот за успех е комуникацијата и добриот впечаток во очите на гостите
Педагогот, м-р Лидија Размоска, вели дека покрај добрата реклама, клучот за успех во еден туристички град како Охрид е добрата комуникација со гостите кои престојуваат на ривиерата.
„Најважна карактеристика е рекламирањето, но и односот кон туристите кои ќе дојдат тука. Домаќинот треба да покаже добра комуникација и соодветен однос кон гостинот, за да може тоа да остане во свеста на туристите. Кога сме кај домашните туристи, општопознато е дека повеќе од нив тука доаѓаат за викенди, а одморот го поминуваат во некоја странска држава, најчесто на југ. Со нивното лично видување за цените, можат да влијаат кај пријателите и познаниците, односно да направат реклама или анти-реклмата.“ – објаснува Размоска.
O.T.