Стручните лица од областа на туризмот ги оценуваат ваквите измени како позитивни. – Охрид располага со природни убавини и преубави локации на кои може да се реализираат венчавки. Сега ќе може граѓанските бракови да се склучуваат на било која локација која ќе ја изберат паровите, вклучувајќи ги и плажите, како што тоа се прави во познатите светски туристички дестинации, велат тие.
Со новите измени на законот, кои стапија на сила од март годинава, склучувањето на брак може да се реализира по желба на младенците- во нивните домови, во угостителски објекти, излетнички места, културно историски споменици, во кругот на верските објекти, јавни простории. За тоа се плаќа соодветен надоместок, а потребно е и одобрение за склучување на бракот од институцијата или управителот на објектот или локацијата на која се сака да изврши стапувањето во брак.
Од подрачното одделение на Управата за водење матични книги, информираат дека од кога се воведени измените во законот, интересот за склучување брак надвор од службените простории постепено се зголемува. Доколку идните сопружници се одлучат граѓанскиот брак да го склучат надвор од службените простории, тоа ќе ги чини минимум 6. 600 денари, зависно од оддалеченоста, како и дали е во работен или во неработен ден- тогаш износот на надоместокот се дуплира.
Се поголемиот интерес за венчавки во Охрид го потврдуваат и свештените лица кои објаснуваат дека во последните неколку години многу често вршат венчавки на парови кои доаѓаат од странските земји со желба овој свечен чин да го извршат во Охрид.
– Најчесто тоа се парови од соседството- Србија, Бугарија, Грција, но има случаи кога со таква желба доаѓаат и од многу други странски земји. Како место за венчавка најчесто го избираат манастирот Свети Наум, Плаошник, Канео, црквата Свети Никола во Долна Влашка Маала, вели отец Сашо, парохиски свештеник во црквата Св. Никола.
Цената која се наплаќа за венчавка во црква е околу 3. 000 денари. Дополнителни 500 денари се наплаќаат ако чинот не се изврши во парохиската црква на која и припаѓа младоженецот, според адресата на живеење.