Фактот што Охрид и покрај тоа што е прогласен за светско природно наследство заштитено од УНЕСКО, нема инспектор за природа, најдобро го отсликува нашиот однос кон заштитата на природата, сметаат експертите. Тие укажуваат дека Македонија има големо природно богатство, но нема развиено систем кој ќе ја штити природата од се’ поголемиот притисок на инвеститорите и нивните бизнис интереси. Експертите велат дека Македонија има донесено закони за заштита на природата, но тоа не значи ништо доколку не се изградат силни институции кои истите ќе ги спроведат.
-Потребно е да се засилат институциите, да се зголеми бројот на испектори и органи кои ќе ја контролираат ситуацијата, се со цел да ја заштитиме природата, бидејќи она што го вложуваме во заштита на природата повеќекратно ќе се исплати отколку еднократно запечатување на природата со урбанизација и слични дејствија или изградба на некакви големи капацитети. Секогаш треба да се размислува долгорочно и стратешки, каков добробит ќе имаме од тие заштитени подрачја во однос на човековите активности без стратешко размислување.-изјави Ѓоко Зороски, експерт од областа на екологијата и заштитата на животната средина.
Странските експерти, пак, посочуваат дека ефикасна заштита на природата не може да има без постојано присуство на институциите на терен.
-Потребно е да се вложат повеќе средства за да има ефикасна заштита на природата и се разбира на терен во заштитените подрачја да има луѓе кои секојдневно ќе ја штитат природата и ќе водат грижа за зачувување на бидиверзитетот.-вели Борис Ерг од Меѓународната унија за заштита на природата.
Експертите велат дека државата мора да изнајде баланс помеѓу заштитата на природата и одржливиот развој, а позитивен пример за тоа е Словенија.
-Природата ја спасивме, затоа што направивме добра легистлатива и силни институции. Таа борба не беше лесна бидејќи требаше да се бориме со инвеститорите, но го надминавме тоа многу добро, така што сега заштитата на природата во Словенија е многу силна и секој кој сака нешто да направи знае дека ќе има проблеми доколку не го почитува законот за заштита на природата или доколку проектите не се во согласност со прописите.-рече Д-р Дариј Краичич, директор на Заводот за заштита на природата на Словенија.
Покрај големиот број изградени станбени згради во Охрид и околу езерото, се најавува реализација на повеќе мега проекти во Љубаништа, Студенчишкото блато, како и во Националниот парк Галичица, каде покрај ски центар предвидено е да се гради и експресен пат. Експертите предупредуваат да не се носат избрзани одлуки колку и да се чинат атрактивни предложените проекти, затоа што нивната реализација долгорочно може да има далекусежни последици по природата.
Г.М.