Охридските ракометари први минаа низ целта и се закитија со титулата есенски шампион во една од двете групи во Младинската ракометна лига во нашата земја.

Младите „гладијатори“ првата позиција ја осигураа со победата 29-27 (19-17) во дербито со тимот на Металург кое се одигра денеска во СРЦ „Билјанини Извори“.

Почетокот од дерби пресметката им припадна на гостински ракометари кои константно водеа со еден до два голови разлика. Охриѓани со фуриозен финиш ја анулираа негативата и на полувреме обезбедија предност од два гола.

Борба за секоја топка и маестрален ракомет понуди второто полувреме. Одбраните предничеа, а нападите не беа на нивото од првото полувреме. Во рововската битка подобро се снајдора охридските ракометари, кои, водството од првото полувреме го капитализираа во победа, вредна титула.

Во составот на Охрид, Наум Костов со осум голови беше најпрецизен, а по него следуваа Мартин Ивановски и Николче Ристески со по шест голови. Никола Нацев реализираше 4, Михаил Ивановски 3, а Кристијан Димитриески постигна два голови во мрежата на Металург но изнуди шест удари од седум метри. Во тимот на Металург, Илија Мелоски со девет голови беше најефикасен.

OhridNews