
Според митрополитот Шабачко-Ваљевски, Лаврентиј, дијалогот помеѓу Српската и Македонската православна црква продолжува и напредува.
„Македонскиот и српскиот народ се два најблиски народи од сите словенски народи, соседи сме, јазиците и традицијата ни се слични и грев би било да ни е поблизок некој од северна Европа отколку нашите браќа по вера, затоа се надевам и му благодарам на Бога бидејќи дијалогот помеѓу двете цркви е продолжен. СПЦ и МПЦ немаат теолошки, туку практичен проблем во кој свое влијание има и политиката, но сега малку е послободно и атмосферата е подобра“’, изјави Лаврентиј.
И во МПЦ постои оптимизам дека проблемот што македонската црква го има со другите помесни православни цркви наскоро ќе биде решен. Според епископот Климент, секретар на МПЦ, во суштина постојат два пункта на недоразбирања. „Едниот е името на Македонската православна црква, од кое ние нема да отстапиме, а другиот е начинот на кој треба да ни биде признаена афтокефалноста, што е проблем со кој се соочуваат и други цркви “, рече епископот Климент.
Присуството на претставници на сите помесни правослвни цркви на охридската конференција, освен на Грчката, се смета за прв чекор кон обновување на преговорите за решавање на македонското црковно прашање кое според многумина повеќе е политичко отколку канонско.
Г. Момироски











