Охрид го чествува 7-ми Ноември, Денот на ослободувањето. Утрово свежо цвеќе пред спомен обележјата на борците од НОБ во Спомен паркот на револуцијата положи делегација предводена од градоначалникот Кирил Пецаков.

Делегации од Општина Охрид, од Сојузот на борци и останати претставници на политичкиот и јавниот живот од градов положија цвеќе и пред Спомен обележјето на Јасна Ристеска во с. Рамне каде се одржа панихида и културно- уметничка програма. Свежо цвеќе беше положено и пред спомен обележјата од НОБ кај Градски гробишта, Градски парк, Основен суд, двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“.

Положено свежо цвеќе пред спомен обележјата на НОБ

Програмата за чествување на Денот на ослободувањето на Охрид продолжи со свеченост во Општина Охрид каде свои обраќањe имаа градоначалникот Кирил Пецаков и пoтпретседателот на ОО на Сојуз на борци, Љубиша Машановиќ, а истата беше збогатена и со културно – уметничка програма.

Низ историјата Охрид и охриѓани секогаш знаеле да ги препознаат вистинските вредности и да застанат на страната на човекољубието, правдата и слободата. Илинденската епопеја, Балканските војни и Првата светска војна се трагични епизоди, но и скалило повеќе кон целосното оживотворување на идеалот за слобода, еднаквост и човечките правдини, кој се реализира со застанувањето на македонскиот народ на страна на антифашистичката коалиција во Втората светска војна во која беа положени илјадници животи, за конечна победа и слобода на Македонија, рече градоначалникот Пецаков.

Денес, 78 години потоа, жртвата на нашите херои не обврзува, да ја сочуваме и збогатуваме слободата со нови содржини кои ги наметнува современието. Ако идеалот на нашите илинденци и партизани беше национална слобода, денес слободата во Македонија треба да се освојува во секој сегмент од живеењето и работењето за секој граѓанин. Верувам дека ние како генерација успешно се справуваме со овој предизвик, а со тоа се ставаме на страна на демократските и просперитетни државни заедници. Исто така, уверен сум дека како локална власт ги правиме најдобрите чекори за развој на Охрид и негово уште поцврсто етаблирање на мапата на најпрепознатливи светски дестинации, додаде Пецаков.

7-ми Ноември е Денот кога Охрид слави за успехот, за храброста и за херојството и се искажува почитта кон жртвите кои го положија животот за слободен Охрид, за слободна Македонија. Ден на слава стана овој ден, ден на победа, ден на деновите на овој град, рече во обраќањето Љубиша Машановиќ, потпретседател од Сојузот на борци од Охрид и Дебрца.

Денес на овој значаен празник, ја имаме честа и големо задоволство припадници од различни генерации да ја споделуваме гордоста што сме заедно во одбележување на датумот кој го означува времето што треба да го паметиме, да не го заборавиме. Прославувајќи го овој ден, сеќавајќи се на жртвите со почит и благодарност се поклонуваме пред олтарот на сите паднати борци за слободен Охрид, за слободна и самостојна Македонија. 7-ми Ноември е празник на идеалот за слобода и правда на нашиот град. Тој идеал не води и ден денес во остварување на подобра сегашност, иднина на идниве млади поколенија. На овој голем празник да се потсетиме дека без почит кон минатото нема ни просперитетна сегашност ниту подобра иднина. Секоја генерација има своја борба и свој стремеж. Нашиот стремеж е кон подобар и подостоинствен живот, со цел нашата земја да биде заеднички дом за сите наши граѓани. Нека овој ден биде потсетник дека во животот секој ден е борба, борба за подобар живот, борба за градење на подобро утре, поздраво општество, борба за политичка стабилна економски напредна држава со светла иднина и безбеден дом за сите наши граѓани, рече Машановиќ.

Чествувањата продлжуваат попладне од 17:00 часот со свечена приредба по повод патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска” во спортската сала „Билјанини извори“, а истите ќе бидат заокружени со седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”, во концертната сала на училиштето со почеток во 18:30 часот.

Инаку, десетици млади животи згаснаа во борбите за ослободување на Охрид што партизанските одреди ги водеа со фашистичкиот окупатор на 7-ми Ноември 1944 година. Благодарение на нивното херојството 78 години подоцна Охрид е слободен град, светска туристичка дестинација, културна престолнина и духовна мека на македонскиот народ.

Н.С.Ј.