Младите во Охрид го добија својот центар, место каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите. Денес градоначалникот Кирил Пецаков и претставници од Општина Охрид заедно со претставници од Коалицијата на младински организации СЕГА официјално го отворија Младинскиот Центар во Охрид, во Касарна Охрид (влез 1, кат 1).
Како локална власт, покрај законските обврски, искрено сме посветени да го подобриме животот на малдите рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Верувам дека младите од Охрид со нивната енергија и елан, овде ќе имаат оптимални услови за развивање на креативни идеи и реализација на проекти од најразлични области, а со тоа ќе имаат лична и професионална сатисфакција за својот ангажман, рече Пецаков.

Функцијата на овој центар е да обезбеди место за искористување на слободното време на младите каде што преку креативен начин ќе може да учат, да ги надоградуваат своите вештини, знаења, способности и да се чувствуваат корисни придонесувајќи во општествениот живот. Ова е центар каде што активностите кои се поврзани со младите и од култура, музика, спорт, забава и креативни вештини и вештини за вработување ќе бидат на едно место и овој простор ќе даде можност за сите млади кои сакаат да се вклучат во неформално образование. За вакви центри ние во Македонија немаме историја но во Европа повеќе од 30-40 години функционираат и на локално ниво се клучно место каде што младите може да делуваат и да придонесуваат па од друга страна и за самата општина, вели Илиески.

Младинските центри се еден сегмент од целосната слика на состојбата во која што тие се наоѓаат. И мислам дека колку што може повеќе да се создаваат можности за да се чувствуваат важни и да ја градат својата самодоверба дека се битни во општеството и дека може да направат белег којшто е нивни, толку повеќе ќе ги задржува во една држава. Неможеме да зборуваме од Охрид за државните политики од коишто младите се разочарани, но тоа што можеме во Охрид да направиме е таму каде што живеат да се чувствуваат важни, способни и можат креативно да делуваат. Овој Центар ќе обезбеди можност како работилници, музичка, дрмаска, фотосекција, театарска, можност за кино проекции, во делот на културата. Во делот на развивање вештини се вештините за презентирање, за држење на говор, за барање на работа, животни вештини. Пресретнувајќи ја потребата за вработување посебна програма ќе имплементираме со која младите после оние кои завршиле образование, ќе влезат во процес на тримесечна обука за да можат да станат повработливи односно да можат што побрзо да влезат на првото работно место. И таа едукација ја спроведувавме изминативе четири години и ќе ја примениме овде во Охрид, за да ја пресретниме невработеноста која е присутна секаде, додаде Илиески.
Првиот краткорчен план за финсниска поддржка од Општина Охрид е на три години за да се постават стандардите и на функционирање и попатно да се види што е добро што не е и што треба да се проширува вели Илиески.
Планот е овој Центар да прерасне во поголема институција како Младински културен центар каде би се организирале и поголеми настани, но во суштина сега можеби многу е рано да зборуваме, бидејќи ќе видиме какви ќе бидат ефектите и интересот на младите и колку тоа ќе биде препознаено и од другите локлани институции. Затоа што вакви просторни капацитети даваат можност и останатите невладини организации во Охрид да реализираат свои активности и програми за да станат и тие подобри и појаки. Едноставно зголемувајќи го капацитетот на невладиниот сектор правиме повеќе место за учество на младите во креативнот дел на нивното опкружување, потенцира.
Јован Цветкоски, претседател на Младинскиот совет вели дека Младинскиот центар е уреден за да биде соодветен и безбеден простор за младите, а ќе може да дојдат индивидуалци, организации средношколци, основци… и ќе можат бесплатно да ги користат просториите. Има повеќе од 6 простории, голем ходник, тераси, вели Цветкоски.
Целта е да имаме место кое долго време го баравме преку претходни иницијативи и навистина ми е мило што конечно се направи нешто вакво и сега да почне навистина да заживее. Да се развиваат тука идеите, да се разменуваат искуства, да соработуваме и да излезат содржини кои нема да се само од културата, туку да има советување од кариера, можности за млади, обуки, стипендии… Првично е предвидено Центарот да работи од понеделник до петок од 9 до 17 часот, но сакаме да ги прашаме јавно младите што мислат, кога треба да е отворен Центарот и достапен за младите во кој период од денот и неделата би сакале да посетуваат содржини и да биде отворен Центарот за нив. А инаку со претходна најава би се правел календар за настани и одржување обуки, состаноци, работилници, проби… Се планира да има повик, првично ќе имаме средби и состаноци со младински организации, училишта, факултети, каде ќе им се претстави тоа за кога ќе дојде моментот да бидат спремни во претходна организација би се направило како тоа ќе функционира, додаде Цветкоски.
Инаку, Коалиција на младински организации СЕГА е избрана младинска чадор организација која ќе раководи со Младинскиот Центар Охрид во период од 3 години со поддршка на Општина Охрид.
Н.С.Ј/Г.М.
фото. Емил Јовановиќ























