Советот на општина Охрид го донесе вториот Локален еколошки акционен план за животна средина за општина Охрид.

Советничката Орхидеја Тасеска од СДСМ, истакна дека учеството на експерти од различни области се гаранција за квалитетот на изготвениот документ, посочувајќи дека сега преостанува тој доследно да се почитува и спроведе.


Задоволство од изготвување на вториот ЛЕАП искажа и координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Дејан Пановски.

– Ова е квалитетен документ кој понатаму ќе ни послужи за имплементација на развојни економкси политики, истакна Пановски, кој изрази лично задоволство што успеал да излобира за средства за реализација на овој значаен проект.

Советникот Томислав Тунтев рече дека донесениот ЛЕАП е жива материја која може да се доработува, но добра основа која треба да се надгради, особено одредени делови за кои има простор за поголеми анализи.

-За одредени активности се одело во детали, додека за други има премалку податоци и затоа треба од овој ЛЕАП треба да произлезат неколку акциони планови во кои ќе се дефинираат мерки и активности со лоцирана одговорност на надлежните служби.-рече Тунтев.

Вториот Локален еколошки акционен план за животна средина за општина Охрид, Советот го донесе со едногласна одлука.

Овој стратешки документ го изработи специјализирана консултантска куќа во соработка со Координативно тело за изработка на ЛЕАП-от составено од експерти од различни области.

Г.М.