Денот на ослободувањето на градот Охрид 7-ми Ноември, денеска беше одбележан со низа свечености. Утрово делегации на Општина Охрид и на Сојузот борци положија свежо цвеќе на спомен обележјата на борците од НОВ, по што во употреба беа пуштени реконструираните улици Никола Петров Русински, Шар Планина, Васил Стефоски, Ариф Мустафа и Петар Поп Арсов.


Во рамки на свеченостите, градиначалникот Александар Петрески во употреба го пушти и патот од Лескоец до Скребатно, во кој општината инвестираше околу 1 милион евра. Истиот овој пат неодамна беше пуштен во употреба од страна на премиерот Груевски, кој тогаш истакна дека овој пат го изгради Агенцијата за патишта преку заем од Светска банка и Европската банка за обнова и развој. Градоначалникот Петрески кој не присуствуваше на владимата свеченост, изјавио дека е политички некултурно да се минимизира придонесот на општината во реализацијата на овој проект.


-Во овој пат ние имаме вложено преку милион евра. Тоа е наш проект со кој аплициравме пред Езвропската банка за обнова и развој, а Агенцијата за патишта односно Владата се јавува како гарант на кредитот затоа што ние не можеме. Ако некој има минимум политичка култура, тогаш ако не друго требаше барем да ги ускладиме овие работи или да ме повикаат на отворањето да го отвориме заеднички патот. Меѓутоа јас ниту знаев ниту бев повикан, но вистинско отворање е кога тоа ќе го направи тој што го изградил патот, а тоа се граѓаните на Охрид преку своите давачки кои ги даваат во општината во вид на даноци.-изјави по завршувањето на церемонијата градоначалникот Петрески.


Петрески ги искритикува и советниците од ВМРО ДПМНЕ за неприсуството на денешните свечености, посочувајќи дека празниците треба да ги спојуваат, а не да ги разделуваат политичките ривали.

Возвратија од ВМРО ДПМНЕ, од каде сметаат дека денешните свечености наликуваат на циркус.

-Градоначалникот се обидува да присвои нешто што не направил. Цел град знае и жителите во Лескоец и Скребатно дека патот кој денеска беше пуштен повторно во употреба се обезбедени преку Агенцијата за патишта, преку Владата.-изјави претседателот на ОК ВМРО ДПМНЕ, посочувајќи дека Охрид за жал актуелната локална власт го претворила во град за потсмев.

Инаку, во рамки на денешните свечености, во употреба беше пуштен паркот позади црквата Света Софија, а чествувањата ќе бидат заокружени со изложба на ликовни дела од Теофил Дамјаноски што ќе се одржи во изложбениот салон при НУ “Григор Прличев“.

OhridNews