Иако охриѓани вложуваат голем труд и средства за новогодишно украсување на своите куќи и дворови, Општина Охрид и годинава нема да додели награди за најубаво украсен двор.

Граѓаните велат дека ваквото наградување е корисно за убавината на Охрид во текот на Новогодишните и Божиќни празници и е еден дополнителен мотив за сопствениците на дворови.


Првонаградениот двор во 2010 година

-Изминатите години, локалната самоуправа редовно објавуваше апел за украсување на дворовите  што наиде на добар одѕив кај граѓаните, кои започнаа поинтензивно да набавуваат сијалички и други светлечки реквизити со цел нивнот двор да биде најубаво украсен. Тоа можеше да прерасне во убава традиција, но еве ни лани ни годинава, општината не распиша оглас за најубаво украсен двор, што навистина е штета, вели една повозрасна госпоѓа од Охрид.

Таа нагласува дека речиси сите општини во Македонија организираат ваков новогодишен избор, а Охрид е една од ретките општини што не доделува награди за најубаво украсен двор.


Второнаградениот  двор во 2010 година

За дочекот на 2010-та година се одржа последниот избор на најубаво украсен двор во Охрид. На овој избор беа пријавени околу 15 домаќинства. Првата награда во вреднот од од 15.000 денари тогаш ја доби Роберт Момироски од улицата „Караорман“ бр.9, втората награда во вредност од 10.000 денари му беше доделена на семејството на Ристо Димоски од село Лакочереј и третата награда  за најубаво украсен двор, во вредност од 5.000 денари му припадна на семејството на Јован Делов од улица „Кочо Рацин“ бр.11/а.


Третонаградениот двор во 2010 година

Комисијата за доделување  на овие награди тогаш констатиреше дека потребно да се направат измени во  критериумите за избор и доделување и да се доделуваат награди и за најубаво украсена тераса и куќна фасада. Но наместо да се востановат и нови награди, Општината го укина и доделувањето на наградата за најубаво украсен двор.

OhridNews