Охрид и оваа година не доби Сообраќајна студија која би обезбедила непречено, безбедно и ефикасно одвивање на сообраќајот. За изработка на ваква студија беа предвидени средства во рамки на „Програмата за одржување и заштита на локални патишта, улици и регулирање на режим на сообраќај за 2014 година“, но со ребалансот на Буџетот, кој беше изгласан на 31-та седница на Советот на општина Охрид, овие средства беа скратени.
Од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици појаснија дека средствата кои биле наменети за изработка на Сообраќајна студија се бришат поради тоа што пропаднале двата Јавни повици кои општината ги распишала за изработка на истата.
-За изработка на оваа студија во програмата беа предвидени 1,5 милиони денари, но овие средства не се потрошија бидејќи пропаднаа двата јавни повици кои ги имавме распишано во текот на оваа година. Во моментов се изработуваат Нацрт развојните програми на општината за наредната година, па се надеваме дека ќе предвидиме средства за оваа намена и дека догодина оваа студија ќе биде изработена, велат од општина Охрид.
Оттаму објаснуваат дека за да се надмине метежот и да се зголеми безбедноста во сообраќајот во текот на сезоната, општината секоја година носи летен режим на сообраќај, кој има времен карактер.
Експертите од областа на сообраќајот сметаат дека Охрид како туристички центар мора да изработи соодветен стручен сообраќаен елаборат со кој би се надминале сообраќајните проблеми.
-Одвивањето на сообраќајот во Охрид не е соодветно регулирано, посебно во однос на непречени сообраќајни текови на динамичкиот сообраќај во врвните периоди на сообраќајно оптеретување. Секако, најкритичните тесни грла во одвивањето на сообраќајот, односно наголемите сообраќајни проблеми, се јавуваат во текот на летната туристичка сезона, кога во градот енормно се зголемува бројот на моторните возила, пред се‘, во релативно краток временски период. Ова посебно се однесува на старото градско јадро и централното градско подрачје, вели д-р Томислав Тунтев, насловен доцент на Техничкиот факултет во Битола.
Според него постојат две основни причини за несоодветна сообраќајна регулација во Охрид.
-Режимот за одвивањето на сообраќајот во летната туристичка сезона не е резултат на една соодветна стручна сообраќајна студија, туку претставува обид за импровизирано решавање на сообраќајните тесна грла во градот. Исто така режимот за одвивање на сообраќајот во летната туристичка сезона, каков и да е од аспект на неговата ефикасност, на терен во пракса воопшто не се спроведува и не се реализира онака како што е дефиниран на хартија, односно онака како што е усвоен од страна на Советот на општина Охрид, појаснува Тунтев.
Тој смета заедно со сите подготвителни активности, за изработка на една сериозна и сеопфатна сообраќајна студија е потребна најмалку една година.
-Доколку не постојат понатамошни услови за избор на соодветен изработувач на студијата по пат на јавен повик, без оглед на причините за тоа, тогаш веднаш треба да се премине кон директни преговори со некоја од реномираните, признатите и докажаните институции, установи или компании, со искажување на намери и прецизно дефинирање на проектната задача, вели Тунтев.
Тој потенцира дека изработката на Сообраќајната студија ќе придонесе за воспоставување на ефикасен, безбеден и соодветен режим на сообраќај, кој треба да ги задоволи сите сообраќајни, економски, комерцијални, туристички, рекреативни и еколошки критериуми, што зависат од одвивањето на сообраќајните текови низ градската патна мрежа.
Е.М