Охрид на 6-ти јуни ќе биде домаќин на средбата на министрите на Македонија, Црна Гора и на Албанија на која ќе се говори за спроведувањето на акциите и мерките кои произлегуваат од одлуката  на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, а кои се однесуваат на Охридскиот регион и на црногорскиот град Котор. На средбата учество ќе земат и Национаните комисии за УНЕСКО на Македонија и Црна Гора.

Албанската делегација на средбата во Охрид ќе присуствува како гостин набљудувач, со цел да се дефинираат насоките на понатамошната соработка во рамките на заштитата на Охридскиот регион, согласно стандардите и препораките на УНЕСКО, а по доставување на номинационото досие за проширување на заштитата на природното и културно наследство и на албанска територија. На средбата ќе учествуваат и градоначалниците од Охридскиот регион и градот Котор, претставници на владата, стручна јавност и граѓански здруженија.

Една од покрупните забелешки на УНЕСКО наведени во извештајот на светската организација, беше измената на Планот за управување на Националниот парк Галичица, која ја започна претходната влада. Во март оваа година актуелната влада се откажа од планот за измени согласно препораките на УНЕСКО, со што националниот парк Галичица и натаму останува заштитено светско наследство.

Во 2017 Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО и Комитетот за светско наследство на УНЕСКО побараа Македонија да воведе мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации во Охридскиот регион се додека не бидат донесени урбанистичките планови за 19 региони во старото градско јадро. Тоа не значи дека нема да има одобренија за градба за оние кои се според актуелните урбанистички планови и оние кои одговараат на амбиентот на Охрид, информираат од локалната самоуправа, која неодамна побара Министерството за транспорт и врски да ја преземе обврската за изготвување на овие планови.

OhridNews