Охриѓани се незадоволни од состојбата во која се наоѓа автобуската станица и бараат од надлежните институции што побрзо да го решат овој долгогодишен проблем.
-Има само два шалтера за издавање на билети, а поради тоа се создава голема мешаница за време на летната сезона. Оваа станица нема соодветна чакалница, па во лето патниците седат на отворено на плус 40 Целзиусови степени, а ако им заврне дожд и ако немаат чадор, може да се случи да патуваат мокри. Исто така нема ни соодветен тоалет, па може да замислите каков впечаток имаат туристите за нашиот град, вели жител на Охрид.
Тој наглсува дека во близина на автобуската нема ни банка ни менувачница, па патниците нема каде да разменат или да подигнат пари.
Од Охридската локална самоуправа велат дека според деталниот урбанистички план за овој дел од градот, предвидена е изградба на современа меѓуградска автобуска станица, со модерен деловен комплекс.
– Проектот за изградба на автобуската станица, до сега не можеше да се рализира поради тоа што земјиштето каде што истата е лоцирана беше во државна сопственост. Наодамна Секторот за урбанизам при Општина Охрид до Министерството за транспорт и врски достави дел од потребната Програма за враќање на државното земјиште во сопственост на општината, што значи дека формалната процедура за земјиштето кај автобуската е веќе започната. Откако ќе ни биде вратено земјиштето ќе може да распишеме тендер и да бараме инвеститор кој би го израдил објектот, велат од Општина Охрид.
Од таму објаснуваат дека не можат да прецизираат точни рокови за изградба на новата автобуска станица па најверојатно и оваа летна сезона, Охрид ќе ги пречекува туристите во импровизирани услови.
Инаку Автобуската станица, која порано беше во центарот на Охрид, во 2006 година беше срушена и префрлена на местото каде што сега се наоѓа.