На средбата било разговарано за еколошките проекти кои се реализираат од двете страни на езерото, како и за можностите за заедничка соработка. Заменик градоначалникот Вешо информирал дека во завршна фаза е урбанистичкиот план за Поградец во кој акцентот е ставен токму на заштитата на животната средина, а при крај е и изградбата на колекторскиот систем од албанска страна, кој чини 28 милиони евра. Дел од тие средства се обезбедени со грантови, а дел со кредити од „КФВ„ банката и „Секо“ – Швајцарија.
Покрај заокружувањето на колекторскиот систем, општината Поградец е вклучена и во проектот за изградба на регионална депонија, која ќе биде лоцирана на 30 километри оддалеченост од Охридското Езеро. Исто така, во соработка со општината Струга, Поградец аплицирал до ИПА фондовите за добивање средства за купување специјални контејнери за одлагање на цврст отпад.
Претставнците на општина Охрид ги информирале албанските колеги за еколошките проекти кои се реализираат на македонска страна. Посебно интересирање домаќините покажале за проектот за регистрација на гнездата на лебедите, како и за проектот за регистрација на појасот на трската на Охридското Езеро.
На средбата помеѓу претставнците на општините Поградец и Охрид, било договорено потпишување на меморандум за соработка во областа на заштитата на животната средина.