Општина Охрид и регионот околу езерото, добија современ Центар за спасување на планина, единствен од ваков вид во Македонија и во поширокото опкружување. Центарот ќе биде опремен со најсовремена опрема за спасување, модерен оперативен центар, тренинг центар, простор за чување и одржување на опрема, специјално теренско возило за спасување и обучен кадар според препораките на меѓународната комисја за алпско спасување.

– Ќе биде изработена и посебна апликација за паметни телефони која ќе може да ја користат граѓаните за брзо повикување на помош при несреќи на планина и истата ќе биде поврзана со софтверот во оперативниот центар од каде многу лесно ќе се лоцира повредениот и ќе биде следена целокупната акција за спасување. Со тоа ќе бидат поставени темелите за развој на ефикасна служба за спасување што ќе ги направи Охрид и регионот значително побезбедна дестинација за авантуристички туризам, изјави градоначалникот Јован Стојаноски при денешната промоција на проектот.

Проектот „Регионот Охридско езеро- безбедна дестинација за авантуристички туризам“ е финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка, а го спроведуваат Општинската организација на Црвен крст и националниот Центар за животна средина, туризам и одржлив развој од Поградец.

Основен предуслов за развој на авантуристички туризам е безбедноста. Безбедноста е клучна и за поединците, но пред се за организираните групи, кои сакаат да ги развиваат своите дестинации и пазари. По дефиниција самата активност е високоризична и покрај сите преземени мерки понекогаш се случуваат несакани последици, вели Антонио Додевски, носител на проектот.   

Проектот предвидува и голем број работилници со домашни туроператори, агенции и останати туристички работници со цел нивно запознавање со новоформираната служба и нејзиното значење за безбедноста и управувањето со ризиците во авантуристичкиот туризам.

По успешно спроведените проектни активности, општина Охрид и регионот значително ќе ги зголемат капацитетите за привлекување на странски туристи, ќе се зголеми бројот на посети, ќе се продолжи туристичката сезона, што ќе иницира значителен економски раст на дестинацијата, велат учесниците во проектот.

Вкупен буџет на проектот е 415.000 евра.

Т.К.