Фотографија со натпис „Смрт за шиптари“ кој е испишан на руиниран објект во населбата Далјан во Охрид, е последната објава во приказот на пријави за говор на омраза, од Охридско-струшкиот регион, во рамки на интернет платформата www.govornaomraza.mk.

Оваа платформа е креирана како дел од активностите предвидени во проектот „Мапирање, анализирање и преземање мерки против говор на омраза во Република Македонија“ што се спроведува од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, поддржан од Националниот фонд за демократија од Соединетите Американски Држави.

Освен последната пријава која е објавена на 22-ри септември 2014 година, во дата базата за пријави од Охрид и Струга, во текот на оваа година евидентирани се уште осум пријави на говор на омраза. Сите овие пријави се во категоријата „Говор на омраза поради етничка верска припадност, јазик и држајанство“.

-Испишани кукасти крстови забележав на повеќе места низ градот. Едниот од нив се наоѓа испишан на зграда на улицата „Туристичка“, другиот е исто така на ѕид од зграда која се наоѓа на улицата „Даме Груев“ веднаш наспроти старото кино. Забележав кукаст крст исто така на објект, кој се наоѓа на улицата „Партизанска” во Охрид, пријавил анонимен граѓанин на 30-ти јуни годинава, приложувајќи и фотографии.

Со слична содржина се и останатите пријави од Охрид, додека пак дел од пријавите од Струга, се однесуваат на уништување на сообраќајни знаци, но има и пријави за говор на омраза објавени на интерент.

-На неколку табли во струшко, кои го покажуваат патот кон околните места, пречкртани се македонските верзии на имињата на селата, а додадена е кратенката „УЧК“. Ова не е првпат овие табли да бидат оштетени, за што сведочат и фотографиите. Од друга страна, на една од фотографиите пречкртана е кратенката „УЧК“ и други зборови на албански, и запишано е „МК“, што укажува на ситуација на обострана омраза и нетрпеливост од страна на сторителите, пријавил анонимен граѓанин на 15-ти мај 2014 година и објавил неколку фотографии.

Исто така во дата базата од Струга има и пријава од април годинава, во која се соопштува за оштетување на таблата на Агенцијата за вработување и на таблата од болницата во Струга, со тоа што албанскиот дел на двете табли бил исчкртан со црвено. Исто така има и пријава дека позади струшкиот Центар за култура на ѕид бил испишан слоган „Македонија на македонците“ и до него бил нацртан крст, додека пак кај поштата имало слоган на албански „Ultras Patriote“ под кој било напишано „Македонија“ и бил нацртан крст.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија објаснуваат дека интернет платформата www.govornaomraza.mk има за цел на граѓаните да им овозможи пријавување на сите случаи на изразување во кои постојат елементи на омраза поради припадноста на човекот, односно луѓето кон одредена група или заедница.

-На корисниците на платформата им се овозможува да препознаат говор на омраза преку примерите достапни на табот Препознај говор на омраза, како и преглед на веќе доставените пријави, категоризирани по посебни кривични дела. Крајна цел на оваа платформа е подигнување на свеста на граѓаните за феноменот говор на омраза во јавниот простор, што ќе им помогне да му се спротивстават, а со тоа и ќе го спречат неговото ширење во општеството, информираат од Хелсиншкиот комитет.

Платформата www.govornaomraza.mk функционира врз основа на пријава на граѓаните за случаи на говор од омраза, а пријавувањето може да се направи на неколку начини: Преку интернет формулар, преку кој може да се испрати фотографија или видео, преку е-пошта, преку twitter, преку Android или iPhone апликација.

По пријавувањето на еден од наведените начини, пријавата се разгледува од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија. Доколку лицето кое пријавува ги има  внесено своите лични податоци, Хелсиншкиот комитет може да го контактира во текот на разгледувањето и проверката на пријавата. По потврдата пријавата ќе биде прикажана на страницата без прикажување на личните податоци на оној кој пријавува.

Е.М

Фото: Статистика на пријави на Говор на омраза