Угостителските објекти и трговците кои работат со храна во Охрид и Струга од денес ќе бидат под лупа на  Дирекцијата за храна и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Ова вчера го најави Министерот за здравство, Бујар Османи  како една од  вонредните мерки кои ќе ги превзема Министерството за здравство, поради значителното покачување на температурата, со што се зголемува ризикот за појава на труење со храна и развој на зарази,  кои сериозно можат да го загрозат здравјето на граѓаните.

Според планираното, контролата ќе ја спроведуваат сите 60 инспектори на Дирекцијата за храна и 43 инспектори од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а по потреба ќе се вклучуваат и други човечки ресурси од центрите и Институтот за јавно здравје. Дневно ќе се спроведуваат по 40-тина контроли со кои ќе бидат опфатени сите економски оператори што се занимаваат со храна ширум Македонија.

-Контролите ќе започнат од најфреквентните места во градските средини, а ќе се прошират на периферијата во градовите и во внатрешноста со посебен акцент на туристичките места, особено во Охрид, Струга и Дојран. Целта на акцијата, што ќе се спроведува на целата територија на земјава, е заштита на здравјето на граѓаните преку спречување на појава на масовни труења со храна поради евентуални нехигиенски услови или несоодветна манипулација со прехранбени производи, рече вчера во Скопје, министерот Османи.

Тој потенцираше дека контролите ќе започнат од угостителските објекти кои служат храна на отворено, какви што се слаткарниците и кафулињата, а ќе се прошират на продавниците и магацините за храна, како и на зелените пазари.

– Инспекторите ќе ги проверуваат условите под кои се подготвува, чува и послужува храната. По случаен избор и проценка на инспекторите ќе се земаат мостри од храната кои ќе поминат соодветни бактериолошки тестови. Доколку постојат одредени недоследности инспекторите прво ќе ги опоменуваат, а доколку не се отстранат или се утврди присуство на бактерии во храната, на површините или, пак, кај персоналот веднаш ќе бидат затворени, појасни Османи.

OhridNews