
За едно лице да се стекне со лиценца за туристички водич, потребно е полагање на стручен испит. Согласно законот за туризам, овластени институции за издавање уверение за положен испит, се оние, кои предвидуваат програма од областа на туризмот.
„Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, издава уверение за туристички водичи, придружници како и сертификати за раководители со туристички агенции. Најпрво мора да се положи стручниот испит, кој е составен од седум поединечни испити согласно програмата објавена во Службен весник. По положените испити, се издава уверение од факултетот. Врз основа на овој издаден документ, од надлежните институции во Скопје одредени од државата, се издаваат лиценците. Карактеристично за нас е тоа што, ние сме првата институција во Македонија што ги издава тие сертификати и уверенија“, не информира доцент д-р Александар Трајков, од ФТУ Охрид.
Сите граѓани со миниум четиригодишно средно образование, се стекнуваат со право за полагање на испитот за туристички водич во Факултетот за туризам и угостителство во Охрид. Јазикот, на кој што туристичкиот водич ќе ги води туристите, треба да се потврди со сертификати за познавање на странски јазик, издадени од овластени институции. Тие сертификати, заедно со уверението за положен стручен испит, се носат до надлежните институции при издавањето на лиценцата.
Инаку од 2003-та година па наваму, во ФТУ Охрид, доставени се 286 пријави за туристички водич, 129 за туристички придружнци и 155 за раководители со туристички агенции.












