Нервозни пациенти, немоќни доктори. Првите се незадоволни поради тоа што не можат да ја добијат потребната услуга заради што понекогаш се приморани да патуваат во други здравствени установи и надвор од Охрид, или да чекаат да дојде соодветен лекар, вторите пак физички не можат да постигнат да ги услужат пациентите бидејќи ги нема во доволен број. Недостигот од доктори специјалисти во општата болница во Охрид најмногу се чувствува на одделенијата за неврологија, радиологија и анестезиологија поради што максимално не се користи оперативниот блок во новата зграда на болницата, кој е меѓу најмодерните на Балканот.

-Таму се тројца колеги кои имаат здравствени проблеми, но вложуваат максимум да не се почувствува проблемот. Една колешка имаме на специјализација и очекуваме да се врати за две години, но друг специјалист си оди за две години во пензија, така што мал е бројот на специјалисти и ни требаат минимум уште два до три лекари тука.- изјави Д-р Љубен Арнаудов, директор на болницата во Охрид.


Д-р Љубен Арнаудов

Во 2007 болницата во Охрид имала 103 специјалисти, а денес 72. Директорот Арнаудов, вели дека проблемот е наследен и се должи на несоодветната кадровска политика на болницата во минатато, но се прават напори тој да се надмине.

– На неколку наврати се примија млади лекари, околу 20-на, дел од нив се испратени на специјализација, други се’ уште чекаат да заминат. Правиме напор преку министертвото за здравство да се надмине овој проблем, планот е сите општи лекари да одат на специјализација. Исто така со реформите во здравството воведена е континуирана едукација, што овозможува сите лекари да одат на обука по неколку месеци во медицински центри во Европа, со обврска добиеното знаење да го имплементираат во матичната здравствена установа за пациентите да имаат бенефит од сето тоа.-вели Арнаудов, додавајќи дек дваесет години наназад не се водело грижа за кадровската политика во охридската болница, која некогаш беше силен регионален центар. 

Токму регионализацијата, според Арнаудов, е опциија за надминување на проблемот.

За оние кадри кои ни се дефицитарни да направиме соработка со општата болница во Струга, тие имаат таков кадар кој веќе доаѓа тука на работа со договор, што пак од друга страна ни создава дополнителни финансиски проблеми, затоа што тоа не е планирано во буџетот на болницата.-рече Арнаудов.

За недостатокот од доктори во охридската општа болница запознаен е министерот за здравство Тодоров, од кого било побарано да помогне да се надминат кадровските проблеми. Тодоров вели дека недостигот на специјалисти е проблем во јавните здравствени установи во целата држава затоа што пред 10 години не се водело грижа за човечките ресурси во болниците, а последиците се чувствуваат сега. Тој посочи дека во изминатите две години во јавното здравство има 2000 нови вработувања, а дополнително 150 доктори трансферирале од приватниот сектор, што заедно со други мерки треба да придонесе да се надмине проблемот со недостиг на специјалисти во болниците, но за тоа се потребни години.

Г.М.