Општина Охрид сеуште го чека одговорот на еден од најпознатите експерти за ревитализација на блата во Европа, кој пред околу три месеци направил увид на Студенчишкото блато за да посочи дали тој проект е изводлив и колку пари ќе чини, односно дали општината ќе биде во можност да ја обезбеди потребната сума на средства.
Ова го објасни градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески во рамки на одговорот на прашањето поврзано со проектот за заштита на Студенчишкото блато, кое му беше поставено на вчерашната Седница на Советот на општина Охрид, посветена на советнички прашања.
-Најважно прашања е доколку се изведе овој зафат е – колку тој зафат ќе биде одржлив. Значи ние немаме пари за паради, значи општина Охрид нема пари за времени вложувања кои што понатака не можат да се одржуваат, бидејќи препоставувам дека одржувањето на тој еко систем ќе бара многу средства, рече меѓудругото Бакрачески.
Тој објасни дека општина Охрид во моментов врши промена на Генералниот урбанистички план според кој во дел од локацијата на Студенчишкото блато е предвидена површина на која би се уредило и постоело блатото како еко систем.
Градоначалникот потенцираше дека го зачудуваат реакциите на луѓе кои што за жал раководеле со институции и биле на позиција да одлучуваат за заштита на Студенчишкото блато, но истите ништо не направиле и не се спротиставиле на ниту една штетна одлука која што го опустошила овој еко систем и го претворила во депонија.
-И сега истите тие луѓе се јавуваат како најголеми критичари на некоја фикција дека Локалната самоуправа го уништува блатото. Кое блато, еве ве прашувам вас кое блато?- најверојтно некој од вас влегол во блатото. Јас неколку пати го посетив Студенчишкото блато, но блато на таа локација не видов, освен една поголема депонија на градежен шут која според кажувањата на стручните служби, кои не се докуменитирани, е со длабочина од четири метри, значи зборуваме за депонија, а не за блато, истакна Бакрачески пред советниците, додавајќи дека периодот од 35 години бил доволно долг за да се изнајде решение за заштита на Студенчишкото блато за да не мора сега да се прави ревитализација.
OhridNews