Бројни награди, пехари и одличја од меѓународни натпревари се само дел од признанијата на младите и успешни охриѓани, кои изминатиов период се дел од Студиото за танц „Соната“. Повеќе од 100-тина членови, речиси секојдневно ги учат техниките и тајните на класичниот и модерен балет, латино-американските танци, односно хип-хопот, по кој се препознатливи ширум земјава.

Инструкторот Даниел Наумовски, кој неколку години ентузијастички ги води охридските таленти, вели едукацијата, можноста за докажување и заедничкото дружење се главниот мотив на сите оние кои се дел од оваа успешна приказна.

Официјално со работа имаме започнато пред седум години, но во последните три и половина главен акцент ставивме на модерните танци и хип-хопот. Интересот е голем, односно помладите се одлучуваат за класичен балет, додека повозрасните за хип-хоп и латино-американски танци. На почетокот се работат основите, бидејќи секој стил на танцување си има свои правила на држење на тело и однесување. Откако се поминуваат тие почетинички елементи, преминуваме на кореографија.“ – вели Наумовски.

Симеонова и Мусли меѓу најуспешните од 1200 натпреварувачи

Изминатата година, младите од „Соната“ беа едни од најуспешните на Меѓународниот танцов натпревар во Скопје. Охриѓанката Олгица Симеонова постана вицешампион во категоријата хип хоп соло јуниор, Јетон Мусли беше трет во хип хоп соло адулт, а заедно во категоријата хип хип дуо адулт го освоија третото место.

Пред три години започнавме да се пријавуваме на натпревари, исклучиво во хип-хоп, и секогаш сме биле дел од големото финале. Имаме освоено две први места за соло во категорија јуниор, две први места за соло и две трети места за дуо во категорија адулт. Минатата година на Меѓународниот натпревар во Скопје беа пријавени 1200 танчери. Беше напорно, бидејќи се играше од 10 изутрина до еден по полноќ. Сепак, Јетон и Олгица го направија еден од најголемиот успех со постигнатото на овој натпревар.“ – објаснува Наумовски.

Учество на Танцова олимпијада во Москва?

Во моментов се објавени конкурсите за Танцовата олимпијада, која на крајот од февруари идната година ќе се одржи во рускиот главен град Москва. Наумовски вели дека за овој подвиг неопходна е подршка, како младите од „Соната“ би имале можност да ги докажат своите таленти пред врсниците од светот.

Шансите за учество се големи, но проблем се финансиите. Имаме подршка од општината, но правиме напори да обезбедиме спонзорство од јавниот сектор, со цел да им помогнеме на дечките. За нивниот квалитет говори и тоа што една од најдобрите танчерки од Европа, која живее во Србија, понуди да соработува и да работи со охриѓани.“ – вели Наумовски.

На 9-ти ноември во Скопје

Членови од „Соната“ на 9-ти идниот месец, во Скопје ќе бидат дел од меѓународниот натпревар за танцување насловен како „Skopje Open 2014“.

Натпреварот во Скопје се игра според правилата на Светската танцова федерација, а со тоа освоените поени влегуваат во ранкингот на светско ниво. Покрај хип-хопот, оваа година за прв пат ќе имаме и три девојки кои ќе се натпреваруваат во „модерен балет“, односно contemporary dancing. Очекувањата за сите нас се високи.“ – потенцира инструкторот од Студиото за танц „Соната“.

O.T.